Монументалниот Споменик на слободата во Кочани повторно ќе заживее

Бисера Костадиновска-Стојчевска, Кејт Мари Брнз, Љупчо Папазов, Рајна и Елена Чемерски пред Споменикот на слободата во Кочани

Споменикот на слободата во Кочaни, дело на академик Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ, ќе се реставрира со американски грант од 254.300 долари преку Амбасадорскиот фонд на САД за зачувување на културата.

Силна возбуда, радост и емоции имаше во моментот кога амбасадорката на Соединетите Американски Држави, г-ѓа Кејт Мари Брнз, пред Споменикот на слободата во Кочaни ја сподели информацијата дека се обезбедени финансиски средства за негова целосна реставрација преку Фондот на амбасадори за зачувување на културата. Амбасадорката Брнз истакна дека проектот е доказ за вистинското партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и локалната самоуправа во Кочани, при што двете страни поддржуваат различни аспекти на зачувување и одржување на споменикот.

Од 2001 година, Амбасадата на САД работи со многубројни локални партнери за зачувување на македонското културно наследство, а за реставрација и конзервација на 16 различни проекти досега се вложени вкупно 1,8 милиони долари.

На настанот во Кочани присуствуваа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, претставници на македонското Собрание, градоначалникот Љупчо Папазов, семејството на Глигор Чемерски, неговата ќерка Елена и сопруга Рајна Чемерски, како и жители на Кочани.

– Мозаичниот приказ на академик Чемерски, кој храбро се издига над Кочани, со грантот од Амбасадорскиот фонд на САД ќе биде обновен, реставриран, реконструиран за повторно да стане вистински репрезент на традицијата, сегашноста и иднината што се вткаени во неговата безвремена идеја и изведба – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Министерката појасни дека со поддршката од Амбасадорскиот фонд во заштитата на овој споменик од современата македонска уметност, всушност започнува во практика да се спроведува Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави во делот за културата, потпишан во јуни оваа година.

– Преку активностите од овој дијалог, ја зајакнуваме размената на искуства во областа на културното наследство, а со интензивната соработка со Коалицијата за антиквитети на САД, работиме во насока на превенција од нелегална трговија со културни добра. Овој грант е уште едно камче во мозаикот на пријателството помеѓу двете земји – нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Финансиската поддршка за оваа реставрација на споменикот е добиена по поднесената апликација на Општина Кочани. Значењето на поддршката е огромно, бидејќи се овозможува најрепрезентативниот културно-историски симбол на Кочани повторно да го врати својот вистински сјај.

– Сеопфатната реконструкција ќе вклучува обновување на мозаичните прикази, сите архитектонски елементи, амфитеатралната сцена, подните површини, патеките за посетители. Исто така, просторот околу целокупниот споменичен комплекс ќе биде уреден со дополнителна урбана опрема. На крајот, ова култно место на градот ќе заживее со нови услови за рекреација и креативни творења во полза на пошироката општествена заедница – истакна градоначалникот Љупчо Папазов.

Во својство на модератор на настанот, но и со емотивна реминисценција на своето детство, актерот Благој Веселинов упати искрена благодарност до сите присутни.

– Споменикот на слободата сведочи за нашата култура и нашата духовност. За жал, состојбата во која споменикот се наоѓа денес не е резултат на забот на времето, туку во голема мера станува збор за човечки фактор. За мене е мистерија како ова место, кое го памтам заедно со моите први спомени од најраното детство, и кон кое секогаш сме се однесувале со почит и љубов, денес изгледа вака. Со реставрирањето ќе му се врати сјајот и повторно ќе го исполниме со радост ова магично и таинствено место – рече Веселинов.

Голем придонес во добивањето на грантот имаат ќерката Елена и сопругата Рајна Чемерски, кои низ години напорна работа конечно ја добија поддршката потребна за да се реставрира и повторно да се оживее овој прекрасен мозаик од 330 метри квадратни, дело на еден од најзначајните современи македонски уметници Глигор Чемерски.

Монумент: Исчекор кон архитектонско-уметничката слобода

Споменикот на слободата во Кочани е изграден во знак на сеќавање на историските борби на македонскиот народ од Илинденското востание до Народноослободителната борба во Втората светска војна. Споменикот е граден во периодот 1975-1977 и по својата уметничка вредност во времето во кое е создаден им пркосел на тогашните европски норми за меморијална и монументална форма, и важи за еден исчекор кон освојување на архитектонско-уметничката слобода во светски рамки. Целосно е завршен и пуштен во употреба во 1981 година и e најголемиот мозаичен монумент на Балканот. Конзервација на дел од мозаичните фризови последен пат е направена пред дваесетина години.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 144, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот