МОН: До крајот на полугодието да се надоместат изгубените часови поради дојавите за бомби

Дојава за бомба во средно Јосип Броз Тито / Фото: Слободен печат - Методиј Здравев

Директорите на скопските средни училишта се должни до крајот на првото полугодие да најдат начин да ги надоместат часовите што беа изгубени поради дојавите за поставени бомби во школските објети, категорични се од Министерството за образование и наука. Оттаму за „Слободен печат“ велат дека дојавите за поставени екплозиви се случуваат само во дел од средните училишта, оние што се во Скопје, а не и во другите градови во Македонија, па затоа тие како Министерство нема да дадат насоки како да се надоместат изгубените часови, туку тоа ќе го стори секое училиште посебно, во зависност од тоа колку часови изгубило.

Од МОН велат дека интензивно работат на подигнување на безбедноста во училиштата.

– Наставата во средните училишта во Скопје каде во изминатите денови имаше повремени прекини, мора да продолжи, а училишните раководства кои се најодговорни за квалитетен и безбеден воспитно-образовен процес, согласно позитивните правни прописи, имаат должност да изнајдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштените часови – велат од МОН за „Слободен печат“.

Местото на учениците е во училишните клупи, додаваат, и секој прекин на наставата го попречува нивниот правилен развој.

– Затоа МОН во координација со МВР, локалните самоуправи, раководствата на училиштата и низа партнерски домашни и меѓународни организации континуирано работат на нивна заштита преку подигнување на безбедноста во училишните објекти. Осудуваме секаков обид за наштетување на воспитно- образовниот процес на учениците. Создавањето страв и паника кај младите и одвлекувањето на вниманието од секојдневни училишни обврски, подразбира и наштетување на иднината на државата. Се надеваме дека оние кои во повеќе наврати ја попречуваа работата на неколку училишта во Скопје час поскоро ќе бидат пронајдени и соодветно санкционирани – велат од ресорното Министерство.

До крајот на првото полугодие останаа уште две работни седмици, а дојавите за поставени експлозиви се речиси секојдневни. Денеска имаше закани за бомби во 15 средни училишта. По евакуацијата и антитерористичката проверка, Министерството за внатрешни работи соопшти дека сите дојави се лажни. Бранот со дојави за бомпи почна пред крајот на октомври, а најпогодени се  средношколците во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот