
МОЕ ЛЕТО | Научив да пливам во студената вода на Матка, вели Мојсова-Мијовска
Јавноста ја запозна како национална координаторка за трансплантација на првата операција на срце од починат донор во Македонија. Денес таа е актуелна кандидатка за градоначалничка на Општина Карпош. За д-р Маја Мојсова Мијовска во описот уште може да се додаде дека е тетка на девојчето што ја пее песната „Зелката има кошули триста“, слатката Сара од „Дајте музика“, или сестра на професорката Весна Мојсова-Чепишевска. Вреди да се спомене и податокот дека таа е ќерка на македонската фудбалска легенда Сократ Мојсов, на кој повозрасните генерации добро се сеќаваат.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во нашата емисија „Мое лето“ Мојсова-Мијовска се присети на летните авантури и на доживувања од детството.
– Многу мала се осамостоив, првпат сама без родители бев на одмор на седум години, во Суто Море, како дел од извиднички камп – раскажува таа.
Ни раскажа и за тоа како нејзиниот татко ја учел аскетски на основните работи во животот.
– Татко ми нè научи и мене и мојата сестра да пливаме, и тоа знаете каде?! На Матка! Не можете ни да претпоставите како е да се плива во таа студена вода. Со него сè беше така, аскетски. И тој и мајка ми не ни се тресеа многу како денешните родители што им се тресат на децата, нè оставаа да се снаоѓаме сами – вели таа.
За неа летото во Скопје од минатото буди посебни емоции. Кучкар Маало е местото каде што израснала, во центарот на Скопје.
– Се сеќавам, таму имаше многу зеленило и една фонтана, за жал, сега не изгледа така. Ние како деца многу се дружевме таму во маало, впрочем голем дел од летните спомени ми се врзани за тоа место. Се сеќавам на една случка, бев тинејџерка. Со другарите се бркавме околу фонтаната, јас се лизнав и паднав, тогаш го скршив забот напред. Паметам како сите деца го бараа делчето од забот со цел да го однесам на стоматолог за да ми го залепи. Тогаш мислевме може така. Многу плачев, а најтешкото доаѓа кога се вратив дома и кога ме виде мојата сестра. Со книгата во рацете ме погледна и иронично ми рече: „Ама си грда“. Ден-денес се смееме за тој момент, кој никогаш нема да ѝ го заборавам – вели нашата соговорничка.

Tаа е мајка на 18-годишен син.
– Марко го добив на подоцнежни години, ако можам да кажам така, но не бев од оние мајки што се тресе на детето. На пример, кога беше мал и одевме на родендени, децата трчаат, лудуваат, ќе се вратат испотени и ќе ги видам мајките со фенови како ги сушат. Јас само ќе го избришев со крпа, ќе му ставев капа и си одевме дома на туширање. За многу вакви ситуации ми судеа, но не ми беше тоа важно, јас имав поинакви сфаќања – вели таа.
За нашата соговорничка Маврово буди посебни емоции, а Охрид ѝ е задолжителна дестинација. Голема желба ѝ е да оди еден ден во Јапонија.
Емисијата „Мое лето“ со д-р Маја Мојсова-Мијовска можете да ја гледате на јутјуб-каналот на „Слободен печат“, низ која ве води водителката и авторка на емисијата Александра Вуксановиќ.

Ве информираме дека ова е последната епизода од летната сезона којашто се надеваме дека ви беше интерсно да ја следите и ви овозможи една поинаква перцепција за дел од луѓето од политичката сцена. Ви благодариме на сите коишто одвоивте дел од вашето драгоцено време и ги погледнавте деветте емисии со политичари од различни политички структури. А, вие коишто ги пропуштивте овие изданија, ве поканувам да ги погледнете, плејлистата „Мое лето“ ќе ја најдете на нашиот јутјуб-канал.
МОЕ ЛЕТО | Апасиев: Имам фобија од летање, а и кој социјалистички лидер се возел со авион?
МОЕ ЛЕТО | Каја Шукова: Сопругот ми е љубов од средношколските денови, се најдовме по две децении