Младите земјоделци ќе може да земат по 20.000 евра државна помош

ЕPA-EFE/KHALED ELFIQI

Измените на Законот за земјоделство и рурален развој што се изгласаа во четвртокот, овозможуваат земјоделците на возраст до 40 години да добијат неповратни 20.000 евра. Во Законот и понатаму останува можноста за младите земјоделци, кои првпат стануваат земјоделци или го преземаат земјоделското стопанство да добијат по 10.000 евра, но се додава и нов член со кој може да се даде помош од 20.000 евра на оние што веќе егзистираат како земјоделци, а со цел одржливост и зголемување на земјоделското производство.

По утврдување на ова законска рамка, се очекува објавување повик за неповратната парична помош на земјоделците каде што точно ќе се утврдат условите за аплицирање.

Според претседателката на Федерацијата на фармери, Васка Мојсовска, добро е што има двојно поголема помош за земјоделците и што се проширува нивниот опсег, но многу е поважно парите да дојдат во вистински раце, затоа што порано се случуваше вработени во администрација да земаат по 10.000 евра.

– Повеќе години новите земјоделците до 40-годишна возраст, кои не беа евидентирани подолго од 18 месеци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, можеа да добијат по 10.000 евра како поврат на вложените инвестиции. Оваа мерка беше со цел да се задржат младите во руралните средини, или пак, да се преселат од град во село. Но, проблемот беше што покрај земјоделците на кои ова им е единствен извор на егзистенција, неповратна помош од државата можеа да добијат и оние на кои земјоделството им е дополнителна дејност. Помошта се даваше по принцип „прв дојден, прв услужен“ до исполнување на буџетот. Така, имаше случаи, луѓе што се вработени во администрацијата, а кои имаат земјиште и кои се евидентирале како земјоделци со дополнителна дејност, да добијат неповратна помош од 10.000 евра – вели Мојсовска.

Таа ги сподели искуствата од Словачка, од каде што како претставничка на Федерацијата на фармери штотуку се врати.

– Во оваа земја помошта е 50.000 евра. На оние млади луѓе што аплицираат за стартап, државата им дава 35.000 евра за почетни инвестиции и тие се под постојана контрола. Кога ќе ја реализираат инвестицијата, им се даваат дополнителни 15.000 евра врз основа на нивните планови за развој и тие се контролираат, но и советуваат, во наредните 5 години. Секако, ако не ја реализираат инвестицијата, има одредба според која тие ги враќаат земените пари – вели Мојсовска.

Мојсовска објаснува дека кај нас прво треба да се инвестираат парите, а потоа државата ги враќа.

– Тоа е многу голем проблем. На нашите земјоделци им требаат пари за да инвестираат, а не обратно потоа тој износ да го добијат од државата. Инаку процесот досега одеше така што земјоделците со профактури и со бизнис-план аплицираа за марката. Ако им беше одобрена, тогаш се впуштаа во инвестицијата, а потоа парите им се враќаа. Но самите административни процедури беа долги и поминуваше долг период додека да им се вратат парите, па некои заглавија со камати затоа што за инвестицијата земале кредит – вели Мојсовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот