Министрите од ДУИ возвраќаат: Отчет ќе даваат и „огнените“ пратеници и градоначалници?

али ахмети, муса џафери, блерим беџети
Блерим Беџети на својот Фејсбук профил објави фотографија на која може да се забележи дека е во друштво на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, пратеникот Изет Меџити и поранешниот вицепремиер Муса Џафери.

Жестоко ќе биде на седницата на Централното претседателство на ДУИ, закажана за 29 октомври, зашто освен отчетот на министрите што го побараа „огнените“, и другата страна ќе бара бунтовниците да прикажат што сработиле како потпретседатели на партијата, како пратеници и како градоначалници. Високи функционери на ДУИ брифираат за „Слободен печат“ дека и „огнените“ ќе бидат повикани да дадат отчет за да има увид претседателството кој колку тежи во партијата и во институциите и дека од тоа ќе зависи кои функционери ќе останат, а кои ќе треба да се повлечат од функциите.

Состанокот се очекува да трае неколку денови, зашто според нашите сознанија, првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, кој е главна мета на „огнените“, но и другите министри од редовите на ДУИ Крешник Бректеши, Бујар Османи и Фатмир Бесими, подготвуваат отчет за сработеното на десетици страници.

– Ќе бараме отчет од пратениците кој колку сработил, колку присуствувале на комисиите и на пленарните седници, дали гласале против проекти на ДУИ. За сработеното ќе треба да реферираат и градоначалниците – дали и колку проекти реализирале. Отчет ќе бараме и од поранешните потпретседатели на партијата Изет Меџити, Садула Дураку, Невзат Бејта и Теута Арифи, но и од други функционери да кажат дали работеле против партијата – вели висок функционер на ДУИ.

Дознаваме дека функционерите што се на удар од „огнените“ на состанокот ќе бараат двоен отчет од Меџити, кој ќе треба да реферира и за сработеното како пратеник и како потпретседател на партијата. Тие тврдат дека Меџити не се појавил на ниту една седница на собраниска комисија и дека ретко присуствува и на пленарните седници, а и дека гласал против ДУИ и говорел против Груби.

Од градоначалниците на тапет, како дел од „огнените“, ќе бидат сарајскиот и чаирскиот градоначалник Блерим Беџети и Висар Ганиу. Поранешните потпретседатели Бејта и Арифи ќе треба да објаснат зошто ги изгубиле изборите во Гостивар и во Тетово, а од Меџити и од Дураку ќе бараат да кажат колку и какви кампањи организирале и што направиле за партијата.

Според нашиот извор, расте револтот против „огнените“ во партијата, бидејќи продолжиле и ги интензивирале обвинувањата во јавноста против министрите, иако едно од главните барања им било враќање на дебатата во партијата откако ќе се формираат партиските тела.

– Се формираа партиските органи, но „огнените“ секојдневно водат медиумска кампања против министрите и предизвикуваат гнев во партијата. Немаат поддршка ни кај мнозинството ни во Централното претседателство, ни во Генералниот совет. Зборуваат за отчет на министрите, а додека беа на функции никогаш не приложиле за сработеното. Од вицепремиерите за Рамковен договор, само поранешниот Хазби Лика и сегашниот прв вицепремиер Артан Груби дале отчет во партијата. Отчет никогаш не дале ни Муса Џафери, ни покојниот Абдулаким Адеми – вели еден од функционерите на ДУИ, кои се на тапет на т.н. „огнена група“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот