Мијатовиќ во Советот на Европа: Во Европа сериозно назадува заштитата на човековите права

Заштитата на човековите права во Европа во 2022 година забележа сериозни назадувања. Минатата 2022 ќе биде запаметена како година на масовни жртви на европско тло, почара комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ на презентацијата на нејзиниот годишен извештај пред Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур.

Извештајот, како што рече главно е фокусиран на прекршувањето на човековите права во Украина.

-Точно 14 месеци до денес луѓето во Украина се будат со звукот на експлозиите и бомбардирањата. Повеќе од 400 денови руските сили убиваат, повредуваат и раселуваат десетици илјади луѓе, вклучувајќи и многу деца. Воените напади на Руската федерација против Украина резултираа со сериозни и масовни кршења на човековите праваи на меѓународниот хуманитарен закон, со катастрофални последици. Тоа влијаеше на цела Европа и пошироко, рече Мијатовиќ .

Притоа потсети дека уште лани, по првата посета на Украина, предупредила на опасноста од присилен трансфер на украински граѓани, вклучувајќи и деца, во Русија или на привремено окупираните територии. Во тоа време законски беше олеснето давањето руско државјанство на украинските деца, а некои од нив биле посвоени во Русија, на што се гледа како на намерна експлоатација на детската ранливост.
Мијатовиќ побара непречен пристап до информации за сите украински деца и итна меѓународна соработка за обединување на семејствата на овие деца.

Освен за Украина и руското кршење на човековите права, таа говореше и за третманот на азилантите, бегалците и мигрантите во Европа и нагласи дека многу земји членки на Советот на Европа намерно не ги исполнуваат нивните обврски од аспект на меѓународни човекови права.

Според неа, притисоците, одбивањето да се спасат чамци во неволја, нехумани услови и третман се заеднички карактеристики на пристапот кон миграцијата.

-Наместо тоа, земјите членки треба да се фокусираат на обезбедувањето безбедни и легални рути, хуманитарна помош по должината на мигнтските рути и потрага и спасување на море.

Како што кажа на презентацијата на извештајот, 2022 година беше обележана и од клима на нетолеранција, непријателство, па дури и насилство против припадниците на ЛГБТИ заедницата.

Друга област каде што се уште е неопходен напредок, според неа, е заштитата и унапредувањето на правата на жените и родовата еднаквост. Во Европа жените и девојчињата се уште се соочуваат со сериозни предизвици, како родово базирано насилство и пречки во пристапот до сексуални и репродуктивни права.

– Ги повикувам властите во сите држави да се посветат на основните вредности на нашата организација и да креираат опкружување кое ќе го олесни уживањето на човековите права од сите, порача Мијатовиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот