Мицкоски ја условува средбата со Ковачевски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски чека официјална покана од мандатарот и иден премиер Димитар Ковачевски за средба, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“. Доколу добие покана Мицкоски ја условува средбата, односно ќе седне со Ковачевски само ако идниот премиер прифати на неа да се разговара за предвремени избори и за содржината на прашалникот 5 плус 1 кон Бугарија.
Од партијата велат дека за покана за средба на Ковачевски со Мицкоски дознале од медиумите и оти сè уште не добиле официјална покана.
– Доколку има таква покана, средбата би била прифатена под услов да се разговара за следниот дневен ред: предвремени парламентарни избори како единствено оддржливо и кон граѓаните одговорно решение, содржината на одговорите на прашалникот 5 плус 1 кон Бугарија и позициите на Македонија и точка разно во која би спаѓало и разговор на темата сузбивање на криминалот и корупцијата – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски во интервју за Телма изјави дека по изборот на новата влада ќе упати покана до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за средба на која ќе се разговара за актуелните прашања, како и да се изнајде решение за закони од интерес на граѓаните.