Меган успеа во нешто во што никој не можеше! Прва политичка победа на војвотката во Америка

Фото: EPA-EFE NEIL HALL

Откако демократите во Претставничкиот дом направија необичен потег и го вратија платеното породилно отсуство во Законот за социјални трошоци и климатска политика, се дозна дека никој друг туку самата војвотка од Сасекс лично лобира кај различни сенатори за ова прашање.

Помалку од две недели по апелот до Ненси Пелоси, претседателка на Претставничкиот дом и до Чарлс Шумер, лидер на демократското мнозинство во Сенатот, за платените породилни бенефиции во Америка, таа иницијатива ќе биде вклучена во Агендата за изградба на подобро (Build Back Better), иницирана од претседателот Џо Бајден.

– Меган успеа! Нејзиното писмо до Ненси Пелоси, претседателка на Претставничкиот дом и до Чарлс Шумер, лидер на демократското мнозинство во Сенатот, за платените породилни надомести во Америка, даде конкретен резултат – рекол добро информираниот американски новинар Омид Скоби, коавтор на книгата „Наоѓајќи ја слободата“ на Хари и Меган и уредник на колумна што ги следи кралските семејства во „Харперс базар“ пренесува британски „Експрес“.

Нејзината иницијатива ги зајакна напорите на американските активисти кои се залагаат за правото на платено породилно отсуство за сите кои Америка сè уште нема и донела конкретен резултат. Конгресменот Ричард Е. Нил, претседател на Одборот за распределба на средствата на официјалниот профил на Твитер на својот одбор, објави дека имало промена по ова прашање.

„Предолго, американските работници мораа да го направат невозможниот избор помеѓу егзистенцијалните потреби на нивните семејства и грижата за нив“, напишал тој. Станува збор за тоа дека иницијативата за платено породилно отсуство за кое се залагаа многу активисти, а им се приклучи и војвотката од Сасекс, е вклучена во американскиот План за економско закрепнување од последиците од пандемијата на ковид-19, (Build Back Better Agenda) чиј иницијатор е претседателот Џо Бајден.

Во своето писмо упатено до политичарите на 21 октомври, Меган рекла дека платеното отсуство треба да биде национално право. Апелот го напишала како мајка на двегодишниот Арчи и Лилибет, која сега има пет месеци.

– Во јуни јас и мојот сопруг добивме уште едно дете. Како и сите родители, бевме пресреќни, но и како мал број родители, не моравме да се соочиме со суровата реалност – првите неколку клучни месеци да не ги поминеме со нашето бебе и да мораме да се вратиме на работа. Ниту едно семејство не треба да се соочи со овие одлуки. Ниту едно семејство не треба да избира помеѓу заработувачката за живот и слободата да се грижи за своето дете, напишала Меган, потсетувајќи ги Пелоси и Шумер дека потекнува од семејство во кое, иако и двајцата родители работеле, се внимавало како ќе се потроши секој долар. Водечката идеја на нејзиното писмо е фактот дека платеното породилно отсуство е цивилизациски дострел којшто Америка мора да го има. По помалку од две недели, нејзиниот апел го доби најдобриот можен епилог.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот