Меџити: Жителите на Косово и Албанија не се странци и тие ќе се лекуваат кај нас со исти цени како македонските граѓани

Фатмир Меџити, министер за здравство/Фото: Слободен печат

Министерот за Здравство, Фатмир Меџити, изјави дека граѓаните на Косово и Албанија ќе се лекуваат кај нас по исти цени како македонските граѓани.

Целта е граѓаните на овие земји да се третираат еднакво во однос на здравствените услуги и да плаќаат исто колку македонските државјани.

„Косовските граѓани плаќаа двојно повисоки цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено доаѓаат за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион“, изјави Меџити.

На изјавата на министерот Меџити на социјалните мрежи реагираше доктор Александар Митов.

„Дај Боже да имавме толку висок здравствен буџет па да ги лекуваме сите околни земји… Но, немаме.
Па дури и Сингапур и Швајцарија не лекуваат граѓани на околни земји. Треба само површно познавање на буџетите на болниците за да се знае каква е реалната состојба.Значи, за некои работи не треба ни анализа за да се види дали се реални и можни. Треба само малку информираност и здрав разум. Но, не само пари, и последниве ги нема…“, напиша Митов на Фејсбук.

Од Министерството за здравство дадоа појаснување на изјавата на Меџити дополнувајќи дека се работи за израмнување на цените, но за приватно лекување во јавното здравство.

Во врска со ценовникот за давање на здравствени услуги на странци до сите универзитетски клиники и институти е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги за странците со оние за македонските граѓани.

„За овие промени не требаше никакви промени во Законот и дел од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници, односно еден ценовник за приватни здравствени услуги. Со оваа промена, на странските државјани им даваме право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што го промовираме јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава, конкурентна на пазарот на трудот“, појаснуваат од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот