Илустративна фотографија / Фото: Profimedia

Маж во Кина живеел 171 ден по трансплантацијата на црн дроб од свиња

Кинески лекари наведуваат дека пресадиле генетски модифициран црн дроб од свиња кај 71-годишен маж кој живеел 171 ден по операцијата, од кои 38 дена со свинскиот орган во телото – што е прв таков случај објавен во научно списание со рецензија, пренесува Си-ен-ен.

Научниците претходно веќе забележаа почетни успеси во трансплантацијата на генетски модифицирани свински бубрези и срца кај луѓе, а досега пресадувале свински црн дроб кај лица во состојба на мозочна смрт. Меѓутоа, експертите во областа на ксенотрансплантацијата – употребата на животински органи кај луѓе – изразуваа сомнеж дали црниот дроб би можел да биде добар кандидат за таква процедура.

– Сите секогаш велат дека црниот дроб е премногу комплициран за трансплантација, во споредба со срцето или бубрегот, но по ова мислам дека луѓето во иднина ќе размислуваат поинаку. Мислам дека црниот дроб може да биде добра опција ако успееме да вградиме доволно човечки гени во свињата – рекол д-р Беиченг Сун, претседател на Првата придружна болница при Медицинскиот универзитет Анху и коавтор на новата студија.

За разлика од срцето и бубрезите кои имаат поедноставни функции, црниот дроб е потежок за замена со свински орган бидејќи е голем, има двојно снабдување со крв и извршува повеќе функции. Црниот дроб ја филтрира крвта, ги отстранува токсините и отпадните материи, ги преработува хранливите материи, го детоксицира алкохолот и лековите, произведува жолчка за варење, создава протеини кои помагаат во згрутчувањето на крвта и го регулира нивото на шеќер во крвта.

Лекарите од Универзитетот во Пенсилванија минатата година ја изведоа првата позната успешна надворешна перфузија на црн дроб користејќи генетски изменет свински орган. Крвта на пациентот во мозочна смрт циркулираше низ свинскиот црн дроб надвор од телото 72 часа без знаци на воспаление.

Во март 2024 година, свински црн дроб беше пресаден кај пациент во мозочна смрт во Кина и отстранет на барање на семејството десет дена подоцна – без знаци на имунолошко отфрлање.

Новата студија, објавена во „Џрнал оф хепатолоџи“, покажува дека трансплантацијата на свински црн дроб кај човек има потенцијал како „мост“ – да му помогне на пациентот со тешко заболување на црниот дроб да преживее доволно долго додека неговиот сопствен црн дроб не се опорави или додека не се најде човечки донор.

– Во иднина можеби левата страна на црниот дроб би можела да се регенерира, и тогаш би можеле да го отстраниме свинскиот орган. Тоа би било доволно за да го поддржи животот, или барем би имале време да почекаме човечки црн дроб. Мислам дека ова е клучен наод – рекол Сун.

Во САД повеќе од 100.000 луѓе се на листата на чекање за трансплантација на органи, а повеќе од 9.000 чекаат црн дроб. Побарувачката далеку ги надминува достапните донори, па научниците веќе со децении истражуваат алтернативи како што е употребата на свински органи поради нивната сличност со човечките.

Во овој случај, лекарите од Првата придружна болница при Медицинскиот универзитет Анху пресадиле црн дроб од 11-месечна свиња кај 71-годишен маж во мај 2024 година. Свињата била клон со 10 генетски измени со цел да се намали ризикот од инфекции и отфрлање на органот. Пациентот примал лекови за потиснување на имунолошкиот систем.

Мажот бил хоспитализиран поради цироза предизвикана од хепатитис Б и имал голем тумор во десниот резен на црниот дроб. Бидејќи обидите за намалување на туморот не успеале, лекарите ја разгледувале трансплантацијата на свински црн дроб како последна опција. Пациентот и неговата ќерка дале согласност.

– Мораме да имаме голема почит кон овој пациент и неговото семејство. Неговиот придонес кон науката е огромен – рече Сун.

Лекарите го отстраниле туморот и го пресадиле свинскиот црн дроб на преостанатиот дел од неговиот црн дроб. Операцијата на почетокот била успешна – црниот дроб веднаш станал црвен, жолчката почнала да истекува и показателите за функцијата на црниот дроб се подобриле. Немало знаци на отфрлање ниту воспаление во првите десет дена.

Компликации и смрт на пациентот

До 25. ден по операцијата, срцето на пациентот покажувало знаци на стрес. Подоцнежните тестови укажувале на воспалителни промени и можен развој на микроангиопатија поврзана со ксенотрансплантација, состојба во која микроскопски згрутчувања ги оштетуваат малите крвни садови.

На триесет и седмиот ден, на пациентот драстично му паднал крвниот притисок, а на лекарите им се чинело дека неговиот сопствен црн дроб сега може да функционира. Свинскиот орган бил отстранет 38. ден, а неговиот црн дроб продолжил да работи нормално.

На 135. ден, пациентот доживеал крварење во горниот дел на дигестивниот тракт и починал 171 ден по трансплантацијата.

Научно значење

Авторите на студијата наведуваат дека добиле драгоцени сознанија за предизвиците и изводливоста на ваквите трансплантации. Се покажало дека трансплантацијата на свински црн дроб кај човек може да обезбеди привремена поддршка и да овозможи опоравување на сопствениот орган – што ја потврдува нејзината клиничка применливост како „стратегија на мост“.

Д-р Хајнер Ведемајер, професор од Медицинскиот универзитет во Хановер, кој напиша придружен уреднички коментар, изјави дека експериментот претставува „причина за внимателен оптимизам“, но и потсетува „колку долг пат сè уште има пред нас“.

– Ова е навистина пресвртница. Како трансплантационен хепатолог, гледам сосема нови можности – рекол Ведемајер.

Додаде дека тоа утро имал пациентка со акутно откажување на црниот дроб која не можела да добие човечки орган поради присуство на карцином: „Да имав свински црн дроб на располагање тогаш, би го употребил за да ѝ дадам шанса да преживее уште неколку недели додека нејзиниот црн дроб не се опорави. Свинскиот црн дроб отвора сосема нови можности и може да биде исклучително ветувачки за нашите пациенти.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот