Мастер-планот на Нетанјаху за Израел и Палестина пропадна

Фото: EPA-EFE/DEBBIE HILL / POOL

Дипломатските активности со државите од Заливот не се замена за праведно решавање на односите со Палестинците

До пред околу две недели се чинеше дека Бенјамин Нетанјаху има големи шанси да ја побие поговорката дека „сите политички кариери завршуваат неуспешно“. Неговата контрола врз моќта во Израел слабееше. Но, дури и да ја изгубеше функцијата, Нетанјаху сепак ќе ја напуштеше политиката како најдолговечен израелски премиер досега – и една од најдоследните.

Минатата година, Нетанјаху обезбеди историски чекор напред во односите на еврејската држава со арапскиот свет. Абрахамскиот договор ги нормализира односите меѓу Израел, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин. Израел под Нетанјаху беше во мир, во просперитет и излегуваше од меѓународната изолација. Долгата и често крвава борба со Палестинците беше надвор од медиумските наслови. Програмата за вакцинација против ковид-19, најдобрата во светот, дополнително го распламти позитивниот имиџ на земјата. Постоеше само оној мал проблем да се избегне осуда во тековниот судски процес за корупција и евентуалната затворска казна – и наследството на Нетанјаху ќе беше обезбедено.

 Стратегија „однадвор-кон-внатре“

Но, во текот на изминатите две недели, планот на Нетанјаху за обезбедување на иднината на Израел пропадна. Надежта на израелскиот премиер дека палестинското прашање беше безбедно ставено настрана се покажа како заблуда. Спорот што започна со судири меѓу израелската полиција и муслиманските демонстранти во Ерусалим ескалираше – со истрелани ракети кон израелските градови, Израел ја бомбардираше Газа, а насилни судири меѓу Арапите и Евреите избувнаа низ целиот Израел.

Со охрабрување од администрацијата на Трамп, владата на Нетанјаху го следеше она што некои го нарекуваа стратегија „однадвор-кон-внатре“. Станува збор за идејата дека Израел треба да спроведе договори со надворешниот свет, пред сè со арапскиот свет, за да помогне во решавањето на неговиот внатрешен конфликт со Палестинците. Ова беше пресврт во потрадиционалниот пристап „одвнатре-кон-надвор“ кон конфликтот – според кој Израел најпрво требаше да обезбеди спогодба со Палестинците; и само тогаш можеше да се очекува да се постигне траен мир и меѓународно прифаќање.

Потпишувањето на договорите „Абрахам“ беше обележано како доказ дека стратегијата за надворешни работи функционира. Израел се надеваше дека Саудиска Арабија, најмоќната земја во арапскиот свет, ќе биде следната со којашто ќе воспостави дипломатски односи.

Што се однесува до Палестинците, главната надеж во кругот на Нетанјаху беше дека, лишени од арапска и меѓународна поддршка, тие ќе ја изгубат волјата за отпор. Активистите за човекови права можат да продолжат да ја поддржуваат нивната кауза, но поширокиот свет ќе продолжи понатаму, дозволувајќи му на Израел да ги наметне своите услови на ослабеното и дисперзирано палестинско население. Некои Израелци шпекулираа дека Палестинците може да завршат како Тибетанците – народ чиишто национални аспирации изгледаат сè повеќе запоставени и заборавени.

 Цивили гинат во Газа

Ракетите што паѓаат врз градовите на Израел од Газа нанесоа големи штети не само на имотот и граѓаните, туку и на таа стратегија. Надежта дека политиките на Нетанјаху го направија палестинското прашање ирелевантно, сега изгледа глупаво. Меѓународната осуда на израелските активности повторно заживеа, поттикната од смртта на цивилите во Газа, вклучувајќи и многу деца. Понатамошните израелски дипломатски пробиви изгледаат малку веројатни.

Најсериозно од сè, бруталните судири меѓу Евреите и израелските Арапи, кои сочинуваат 20 проценти од населението во земјата, го доведоа конфликтот во границите на самиот Израел, што доведе до покренување на темата за граѓанска војна.

Во последниве години, многу израелски политичари се надеваа и веруваа дека Арапите што живеат во земјата повеќе не се идентификуваат толку силно со палестинската кауза. Но, сегашната криза донесе обновено чувство на единство меѓу Палестинците во Газа, Западниот брег и во самиот Израел. Идејата дека палестинскиот проблем може да биде безбедно заѕидан, далеку од очите на јавноста, веќе не е веродостојна. Наместо тоа, стратегијата на Нетанјаху можеби ја зголеми заканата за неговата земја – со ненамерно отворање нов фронт, но во рамките на самиот Израел. Таа закана ќе остане, дури и откако ќе престане пресметката во Газа.

Флерт со крајната десница

Најголемиот недостаток на стратегијата „однадвор-кон-внатре“ беше нејзината претпоставка дека палестинскиот очај ќе доведе до смирување. Во реалноста, зголемената смелост на израелската крајна десница – која е решена да продолжи со понатамошните анексии на палестинскиот имот и земјиште – на крајот ја даде искрата што го запали најновиот пожар. И самата крајна десница беше дворена и легитимирана од Нетанјаху, бидејќи тој бараше сојузници во неговите напори да остане на власт.

За самиот Нетанјаху, сегашната криза има една значајна придобивка. По четвртите неубедливи избори по ред, неговите противници беа на работ да формираат коалициска влада што конечно ќе го истиснеше Нетанјаху од власт. Тие преговори сега запреа –така што Нетанјаху веројатно ќе продолжи да ја извршува премиерската функција.

Успешен напор да се држи за власта – и да ги избегне судските случаи за корупција против него – ќе покаже дека Нетанјаху останува главен политички тактичар. Но, напливот на насилство изминатите недели сериозно го поткопа неговото тврдење дека е државник. Неговите приврзаници се пофалија дека неговата дипломатска стратегија обезбедува пат за излез од израелско-палестинскиот конфликт – дури, таков што не бара болни земјишни отстапки и зголемени палестински права.

Но, патот на Нетанјаху за излез од конфликтот сега изгледа како опасна слепа улица.

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (22-24 мај 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот