Маричиќ: Од нас зависи дали до 2030 година ќе станеме членка на ЕУ, имаме јасна слика по кој пат треба да се движиме

Фото: Влада на РСМ

Од нас зависи дали до 2030 година ќе успееме да стигнеме во ЕУ. Целта е ЕУ да стави рака на овој регион и да нема дилеми дали Западен Балкан припаѓа на ЕУ или не. Јас сум сигурен и се надевам дека во наредниот период овој план ќе добие целосна поддршка и ќе почне да се реагира брзо, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

На конференцијата „Година на европски можности“, Маричиќ порача дека со Планот за раст на ЕУ, ќе се овозможи забрзан раст и пристап до единствениот европски пазар за земјите од Западен Балкан и пред полноправното членство во ЕУ.

Планот за раст има реформски дел, кој мора да се направи и опфаќа владеење на право и реформи во судството, јавната администрација, инвестиции во животната средина и во конкурентноста, вложување во економијата и во поглем пристап на регионалниот пазар рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека идејата е да се вклучиме во европскиот платен систем и во некои системи и програми во кои досега не сме можеле.

Според него, од почетокот на 2022 година до денес, се најуспешни години на полето на евроинтеграциите.

Со еден јаз од многу години од 2005 година, која беше маркантна и забележителна бидејќи тогаш го добивме кандидатскиот статус. Во 2009 година ја добивме првата препорака за почеток на преговори, а во 2022 година таа препорака конечно се имплементираше и ги почнавме преговорите, изјави Маричиќ.

Тој додаде дека државата помина и еден успешен скриниг процес од 15 месеци, кој даде јасна слика кои се нашите силни страни, слабости и што треба да се направи наредниот период.

Во тој гломазен процес учествуваа речиси 1000 луѓе во нашите делегации. Околу 100 работни дена, 850 презентации и многу извештаи по тие средби, рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека со тоа е комплетирана првата фаза од преговорите, а завршени се и патоказите со што имаме јасна слика по кој пат треба да се движиме.

Македонската европска машина е запалена. Сега од нас зависи, од оваа година на европски можности и одлуки, дали таа македонска европска машина ќе застане или ќе продолжи и ќе стигна до 2030 во ЕУ, порача Маричиќ.

Тој додаде дека важно е да се соберат сите сили во општеството, во сите институции, во граѓанските организации, научни институции, општини и без разлика каде припаѓаат идеолошки, доколку се за европскиот пат, може да го најдат своето место во преговарачкиот процес.

Мора да се вградат себеси во оваа национална задача која ни претстои и ако тоа го направиме како што го направиле Хрватска, Романија, Бугарија, Словенија ќе можеме во 2030 година да се радуваме заедно со останатите нови членки на ЕУ рече Маричиќ.

Вицепремиерот заклучи дека битката е во 2030 година, кога ќе се примаат нови земји членки, Северна Македонија да не биде во публиката, туку на бината меѓу новите членки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот