Маричиќ му се заблагодари на Ковачевски за изминатите две години и очекува повторно да е премиер по изборите

Маричиќ и Ковачевски / Фото Фејсбук

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на неговиот Фејсбук профил му се заблагодари на премиерот Димитар Ковачевски за сработеното во изминатите две години, изразувајќи надеж дека тој повторно ќе биде премиер по изборите во мај. Ковачевски денеска поднесе до Собранието оставка од функцијата претседател на Владата.

Според најавата на претседателот на Собранието Талат Џафери, оставките на Ковачевски и на собранискиот спикер треба да бидат констатирани на утрешната собраниска седница. Со оставката на Ковачевски, во оставка е целата Влада. Ковачевски функцијата премиер ќе ја врши до изборот на техничката влада в недела на 28 јануари.

„Изминатите две години беа предизвикувачко и плодно патешествие во кое благодарение на премиерот Ковачевски државата не подлегна на енергетската криза и на заканите за ценовни шокови. Платите и пензиите пораснаа најмногу до сега. Успеавме да најдеме европско решение со Бугарија со кое почнавме преговори со признаен македонски идентитет и јазик низ ЕУ институцииите. Можеме гордо да кажеме дека обезбедивме меѓународно етаблирање на земјата како фактор на стабилност на Балканот во услови на тешка економска криза и војна во Украина” напиша Маричиќ.

Да потсетиме, висок владин функционер за „Слободен печат“ ја потврди информацијата и според објаснувањето, ротацијата на Груби и Маричиќ на првото вицепремиерско место е дека првиот заменик на претседателот на Владата треба да биде од спротивната партија во владината коалиција.

„Го очекувам Ковачевски повторно на премиерската позиција во Владата во мај 2024, за заедно да ја оствариме мисијата за комплетирани преговори со ЕУ до 2028 и полноправно членство до 2030 година” додаде Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот