Манифестацијата „Анте Поповски – Антево перо“ ги врачи наградите на годинашните лауреати

Наградените автори и организаторите на конкурсот „Антево перо“

Специјалната едиција наградени автори, победници на Конкурсот за необјавена поетска книга на македонски јазик, што традиционално се распишува во чест на македонскиот поетски великан Анте Поповски, е збогатена со збирката „50 испеани приказни“, за која авторот Александар Русјаков стана годинашен добитник на престижната награда „Антево перо“.

Книгата е во издание на издавачката куќа „Три“, а наградата ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – „Антево перо“ Скопје.

Доделувањето на наградата се одржа во рамките на централната свеченост на поетско-културната манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ на 27 септември во Музејот на македонската борба за самостојност.

Присутните посетители на настанот имаа можност да проследат видеоматеријали со кус рецитал на академик Анте Поповски, но и снимки од негови песни во интерпретација на артистката Софија Гогова Врчаковска. Модератор на настанот беше м-р Александра Јуруковска, а пред присутните се обрати д-р Атина Цветаноска во име на комисијата за доделување на наградата.

На свеченоста беа доделени и наградата „Антев златник“, која ја добија поетесите Милена Сиљаноска и Александра Спасеска, како и „Антев часовник“, која ја доби Светла Јакшиќ.

Манифестацијата се одржува во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски, и е поддржана со Годишната програма за 2023 година на Министерството за култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 198, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.09-01.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот