Малку светли точки во мрачната 2023-та: Кои настани ја одбележаа годината што изминува?

Новогодишна атмосфера во Скопје годинава/Фото: Слободен печат-Драган Митрески

Напорите за евроинтеграциските процеси, политичките прашања и спорови, успешно одржан министерски совет на ОБСЕ во Скопје и бројните посети и повици на меѓународните лидери беа меѓу најважните теми кои ја одбележаа оваа година, кои веројатно ќе продолжат и следната да бидат актуелни во македонската јавност. Премрежијата кои го засегаа граѓанинот изминативе 365 дена одеа од крајност во крајност, а грозоморното убиство на 14-годишната Вања во целост ги засени ценовните шокови, инфлацијата, но и тензиите и метежот за промена на личните документи.

Македонската јавност изминатите 12 месеци ретко имаше причини да се радува. Почетокот на изградбата на четирите нови автопатишта во земјава на „Бехтел-Енка“, со вкупна должина од 108 километри не беше доволен за да се подобри општиот впечаток и верба во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Во една ваква атмосфера мина 2023 година, а „Слободен печат“ во продолжение хронолошки потсетува на главните општествено-политички настани кои ја одбележаа годината што изминува.

ЈАНУАРИ – Обвинение за Жан Митрев дека мамел болни од ковид – 19

Годината почна со обвинение против Жан Митрев и неговата приватна клиника. Судот отвори предмет против кардиохирургот. Од Клиниката, очекувано, се изјаснија како невини пред Судот. Постапката и по 12 месеци сè уште е активна, а јавноста сè уште не знае дали Клиниката за време на пандемијата работела по закон.

гоце делчев полиција затворена улицата кај св. Спас (8)
Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ФЕВРУАРИ – Тензично одбележан роденденот на Гоце Делчевизбришани бугарски клубови

Строги полициски протоколи и обезбедување, четиричасовен застој на границата со Бугарија, каде за влез чекаа бугарски државјани и тензична атмосфера. Вака помина чествувањето на 151-годишнина од роденденот на Гоце Делчев во Скопје. Настанот дополнително ја наелектризира атмосферата во меѓудржавните односи со Бугарија, откако истиот месец македонските власти донесоа закон за преименување или бришење на бугарските културни клубови кои носеа провокативни имиња за македонската јавност.

Стејт Департментот на САД
Стејт департментот на САД / Фото: Архива на „Слободен печат“

МАРТ – Стејт департмент – неказнивост, дискриминација и корупција во Македонија

Во март излезе најновиот извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент кој нотираше сериозна владина корупција, отсуство на судска независност, недостиг на одговорност за семејно насилство, напади врз новинари. Додека јавноста го анализираше американскиот извештај, Македонија стана една од ретките земји кои на Украина ѝ донираше воени авиони потребни за одбивање на руската агресија. Истиот месец, Владата ги замрзна цените на основните прехранбени производи како резултат на високата инфлација.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

АПРИЛ – Метастазираат проблемите на Онкологија

Еден извештај од контрола извршена на Клиниката за онкологија на почетокот на годината кој го обелодени „Слободен печат“, направи скандал во домашната јавност во кој се покажа дека цитостатици и други лекови на Клиниката се препродаваат на пациенти додека граѓаните заболени од рак се соочуваат со основни проблеми и недостаток на терапии. Случаите сè уште не се решени и не е расчистена аферата. Паралелно на ова, во април поради немање мнозинство, Судскиот совет ја одложи седница на која на дневен ред беше ставен избор на нов претседател, откако беше разрешена претседателката Весна Дамева во постапка која правосудната фела ја оцени како незаконска.

Бехтел и Енка / Фото МИА

МАЈ – Пендаровски ги потпиша законите за автопатиштата на „Бехтел и Енка“

Претседателот Стево Пендаровски ги потпиша измените на законите за изградба на коридорите 8 и 10д, кои претходно Собранието ги усвои по скратена постапка. Тој на 29 мај рече дека секој што се сомнева во уставноста на некои од усвоените закони, може да поднесе иницијатива пред Уставниот суд. Во исто време, до рокот од Преспанскиот договор кој истекува за осум месеци, граѓаните беа задолжени да ги променат документите со новото уставно име, а по тој повод државата ќе инкасира над 32 милиони евра за замена на важечките пасоши со старото име „Република Македонија“.

ЈУНИ – Парада на гордост во Скопје; маржите одмрзнати, трговците со нови цени

Од 1 јули престанува мерката за замрзнати маржи на основните прехранбени производи – лебот, шеќерот, јајцата и млечните производи, мерки донесени на почетокот од годината од Владата како мерка за намалување на инфлацијата. Со овој потег, државата ги препушти производителите и трговците сами да ги утврдуваат цените според пазарни услови. Со растот на цените растеше и тензијата околу одржување на Парада на гордоста во Скопје која, сепак, мина во достоинствена и мирна атмосфера по скопските улици.

Гласање во собрание / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

ЈУЛИ – Собранието ја отвори вратата за уставни измени, САД со црна листа за наши граѓани

Собраниската комисија за уставни прашања го отвори патот за менување на Уставот со внесување на Бугарите во Преамбулата. Следеше чекор на Владата која до Собранието требаше да испрати амандмани за Уставот. Опозицијата на првиот ден од дебатата се откажа натамошна расправа, затоа што е против измените. Власта и по шест месеци не успеа да обезбеди мнозинство за менување на Уставот, додека САД истиот месец на нејзината црна листа вметна македонски државјани кои се сомничат за корупција и криминал.

Габриел Ескобар и Димитар Ковачевски / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

АВГУСТ – Ескобар во посета на Македонија

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар допатува во земјава во насока да даде поддршка на отпочнатиот процес за евроинтеграциите на земјава. Тој на прес-конференција во Скопје со македонскиот премиер Димитар Ковачевски истакна дека САД не избираат влади на членки на НАТО, одговарајќи на новинарско прашање за најавената средба со опозицискиот лидер Христијан Мицксоки, кој претходно рече дека нема да трпи притисоци и тортура за уставните измени.

фото: Слободен печат, втор протест за случајот онкологија

СЕПТЕМВРИ – Протести во Скопје за аферата во Онкологија

Неколку стотици граѓани неколку дена по ред се собраа на протести во Скопје, барајќи правда за жртвите на Клиниката за онкологија. Тие пред Обвинителството рекоа дека ќе протестираат до целосно расветлување на случајот. Сведоштва на пациенти укажуваа на примери за корупција во Клиниката. Од Обвинителството тогаш информираа дека не прифаќаат ултиматуми и рокови за расветлување на аферата, но го прифаќаат барањето тројца пациенти да имаат увид во истрагата.

Пендаровски – Фон дер Лајенфото МИА

 

ОКТОМВРИ–  Фон дер Лајен со пораки за уставните измени

Изборот е Ваш, сите партии имаат одговорност за иднината. Сите партии треба да ги поддржат уставните измени, оти сите имаат одговорност за иднината на Северна Македонија, рече претседателката на Европската коми9сија Урсула Фон дер Лајен при посетата на Скопје. Освен за политика, таа предложи и План за економски раст на земјава.

Присутните министри на вечерата пред самитот на ОБСЕ во Скопје со американскиот шеф на дипломатијата Блинкен/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

НОЕМВРИ – Македонија домаќин на најголемиот политички настан во светски рамки, Блинкен и Лавров во Скопје

Македонија во ноември беше домаќин на 30-от Министерски совет на ОБСЕ, при што очите на светската јавност беа свртени кон македонскиот главен град, во исчекување да се донесат важни одлуки како за европската така и за светската безбедност. Присуство на настанот потврдија над 70 делегации со околу 1.000 члена, меѓу нив американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, за чие присуство Македонија и Бугарија претходно мораа привремено да ја укинат забраната за прелет на руски државни авиони. Сите министри говорници остро ја осудија руската воена агресија во првиот дел од првата пленарна сесија, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги искористи своите три минути за да го осуди „колективниот Запад“.

Осомничениот Љупчо Палевски – Палчо со убиените Вања и Панче / Фото Колаж на СП / Социјални мрежи

ДЕКЕМВРИ – Грозоморно убиство на малата Вања и велешанецот Панче ја потресе Македонија и регионот

Темна дамка во колективната меморија во годината што измунува ќе остави грозоморното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, за што е осомничен Љупчо Палевски Палчо и група негови помагачи. Девојчето од Скопје било свирепо убиено, наводно поради обид за изнуда на пари од еден од родителите. Првоосомничениот Палевски, по неговото бегство, беше уапсен во Турција, а земјава сè уште чека негово испорачување на органите на правдата. Тројца од петтемина инволвирани, според МВР, го признале своето соучесништво кривичното дело, опишувајќи ги во детали фрозоморните убиства.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот