Македонскиот уметник Мице Јанкуловски е добитник на Гран-при за минијатурна уметност во Србија

Мице Јанкуловски е мултимедијален уметник

Добитник на Гран-при на 17. Меѓународно биенале на минијатурна уметност во Горњи Милановац, една од најголемите и најсеопфатни изложби на мал формат во светот, е реномираниот македонски уметник Мице Јанкуловски.

Жирито на 17-тото меѓународно биенале на минијатурна уметност во состав: Сава Степанов (Србија), претседател, Даниела Билопавловиќ Беденик (Хрватска) и Катарина Дуканац Стевлиќ (Србија) одлучија за доделување на Гран-при на Јанкуловски и за седум први награди во различни дисциплини.

Пред светската јавност 17-тото Меѓународно биенале на минијатурна уметност ќе биде претставено на 20 април 2024 во Горњи Милановац, Србија, во Модерната галерија на Центарот за култура „Мија Алексиќ“.

Одржувајќи го квалитетот и кредибилитетот на манифестацијата, организаторот на изложбата, Центарот за култура, ќе претстави 648 дела потпишани од 423 автори од 20 земји во светот – Австрија, Австралија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Израел, Ирска, Италија, Унгарија, С Македонија, Мексико, Германија, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Србија, Хрватска, Црна Гора и Франција.

Како уметник, повеќе од пет децении Мице Јанкуловски континуирано е посветен на истражувањето во областа на сликарството и цртежот, но експериментирал и се претставувал низ повеќе уметнички дисциплини (сликање на стакло, карикатура, анимиран филм, палиндроми…), поради што меѓународната професионална јавност го препознава како мултимедијален уметник. Во своето уметничко дело тој постојано ги истражува формата, просторот, бојата, небојата и движењето како елементи што се повторуваат.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 226, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот