Македонски уметници учествуваат во тематска изложба на Националниот музеј на Босна и Херцеговина

Постер за проектот „Ex-situ: Уметнички позиции за загрозениот биодиверзитет и соживот на видовите“

Во Националниот музеј на Босна и Херцеговина во Сараево на 1 февруари ќе биде отворена изложба од проектот „Ex-situ: Уметнички позиции за загрозениот биодиверзитет и соживот на видовите“, додека на 2 февруари ќе се одржи симпозиум на кој ќе биде елаборирана темата на изложбата.

Во срцето на Босна и Херцеговина, во планинскиот појас Враница, живее Босанскиот планински тритон – вид водоземен лазач кој се смета за загрозен вид. Националниот музеј на Босна и Херцеговина е во процес на изградба на вивариум за ex-situ заштита на овој вид. Музејот планира да обезбеди континуирано постоење на овој вивариум со цел да се заштити овој вид ако навистина изумре во неговото природно живеалиште.

Босанскиот планински тритон и планираниот вивариум се појдовни точки за оваа изложба на современи уметнички дела во рамки на Природонаучниот оддел на Националниот музеј во Сараево. Осумнаесет уметници и уметнички групи од Централна и Југоисточна Европа претставуваат дела кои се изложени на пресекот помеѓу природата, човековата активност и различноста (на видовите) наспроти загрозените форми на живот во Антропоценот. Со оваа поставка во Природнонаучниот оддел на Националниот музеј, уметничките практики директно се поврзуваат со научни референци.

Од Северна Македонија во проектот учествуваат уметниците Дарко Алексовски, со серија дела насловени „И планините продолжуваа да ветуваат“, и Нада Прља, со инсталацијата создадена од девет слики под наслов „Се родив да летам III“ и „Umwelt (животната средина)“, интервенција врз постоечка музејска витрина. Куратори на изложбата се Маргарете Маковец и Антон Ледерер.

Составен дел од проектот ќе биде еднодневен симпозиум со гости од областа на визуелните уметности и експерти од областа на природните науки. Нашите ликовни уметниции Христина Иваноска и Нада Прља се дел од учесниците на симпозиумот.

Оваа средба на кустоси и културни работници, уметници и научници, има за цел да ја промовира размената во контекст на темата на изложбата и проектот на Националниот музеј за заштита на Босанскиот планински тритон, и е наменет за пошироката публика.

За референците и препораките, кураторите се заблагодаруваат на Ирена Бориќ, Адела Деметја, Ирфан Хошиќ, Христина Иваноска / Јане Чаловски / Јованка Попова, Ајете Керќели / Нита Зеќири, Андреа Палашти и Наталија Вујошевиќ.

Проектот на Центарот за современи уметности „Ротор“ (Грац, Австрија), нарачан од Одделот за култура на Штаерска по иницијатива на австриското Сојузно министерство за европски и меѓународни работи, е посветен на загрозениот Босански планински тритон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот