Македонската поезија пишувана од жени е во фокусот на 35. „Поетска ноќ во Велестово“

Интернационално поетско читање „Прелудиум“ со кое беше најавен фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“

Годинашното 35-то јубилејно издание на интернационалниот поетски фестивал „Поетска ноќ во Велестово“ ќе се одржи од 18 до 20 август на повеќе локации во Велестово и во Охрид, а учество ќе земат 30-ина поети и уметници од пет земји.

Годинава во фокусот ќе биде македонската поезија пишувана од жени и во таа насока централниот настан ќе биде промоцијата на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ во која се застапени дури 114 поетеси од повеќе етникуми, што твореле и творат на територијата на Македонија.

Настанот традиционално ќе се одржи на 18 август на сретсело, во Велестово, а потоа ќе биде отворена и изложба на уметникот Тони Попов во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово.

Во рамки на фестивалот ќе гостуваат поети од Германија, од Албанија, од Србија и од Косово. Следниот ден во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржи промоција на уште една важна книга за развојот на македонската поезија: „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, избрале и приредиле Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, како и интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“.

Во рамки на фестивалот ќе се одржи и настанот OH READ #2, во чијашто програма предвидена е работилницата за креативно пишување и дијалог преку поетски препев, наменета за млади, што ќе се одржи во гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид, како и интернационално поетско читање во кафе и бар „Шила“ во Охрид. Проектот OH READ #2 e подржан од РЕАД (Регионална Мрежа за Културна Разновидност) и Европската Унија.

Постерот на фестивалот е посветен на враќањето на европскиот елен на падините на Галичица, а дизајнот е дело на Андреј Павлов.

Фестивалот го овозможија: Општина Охрид, РЕАД (Регионална Мрежа за Културна Разновидност) и Европската Унија, Министерство за култура и Комерцијална банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот