Македонска премиера на „Чувари на формулата“ | Бјелогрлиќ: Кога формулата на смртта ќе стане формула на животот

Фото: Приватна архива

Потребна е голема вештина за да се изгради драматична, емотивна и напната приказна околу сложена наука за која повеќето луѓе не знаат ништо, како што е обидот за создавање атомска бомба во поранешна Југославија, но Бјелогрлиќ успева да го направи и долови тоа на маестрален начин со новиот филм „Чувари на формулата“.

На меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ наградата за најдобар филм му беше доделена на актерот и режисер Драган Бјелогрлиќ за филмот „Чувари на формулата“, на што Бјелогрлиќ забележа дека е посебен подарок за почетокот на неговата седма деценија од животот.

Фото: Промо

Филмот е базиран на вистинска приказна за несреќата која се случила во Винча, Србија, во 1958 година, кога озрачена група српски научници тајната полиција ги пренела во француската болница „Кири“ во Париз на лекување, кај професорот Жорж Мате. Професорот Мате (кој во филмот го игра францускиот актер Алексис Манети), предлага по првпат во историјата да се изведе специфична и неизвесна замена на коскена срж на озрачените пациенти, од француски донори кои свесно ги ризикуваат своите животи за да ги спасат младите Југословени. Целиот процес на вадење на коскена срцевина во тоа време бил ужасно болен, зашто немале услови, особено кога тоа се прави првпат. Филмот проткајува две дијаметрално спротивни приказни – се прават нуклеарни експерименти, од една страна, со цел да се создаде оружје кое го разорува светот, а од друга страна, тој настан произведува друга приказна која го спасува, или барем разубавува, светот.

– Најинтересно ми беше прашањето дали во денешно време би можело нешто такво да се случи. И сфатив дека не само што нема шанса, туку тоа не постои ниту како опција. Денеска никој не би жртвувал било што свое за луѓе кои ги познава, а не па за луѓе кои воопшто не ги познава. А настанот се случил пред само 65 години, не толку одамна, а веќе ни се чини дека е невозможно. Тоа е она што најмногу ме инспирираше. Затоа и дојдов до таа игра на зборови „чувари на формулата“. И едниот и другиот научник кои ги следиме низ приказната трагаат по некоја формула, а потоа пронаоѓаат трета формула – формула на животот, која изгледа сите ние сме ја заборавиле – објаснува Драган Бјелогрлиќ.

Идејата за снимање на „Чувари на формулата“ Бјелогрлиќ ја добил откако ја прочитал книгата „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ.

– За случајот Винча имав слушнато претходно, но пред седум години сфатив дека за тоа ништо не знам. Тоа што го знаев беше само површна информација која кружеше. Во деведесеттите почнаа да се отвораат тајни документи и почна да се зборува за атомската бомба и сè тоа, се разбира, беше контроверзно – вели режисерот.

Фото: Промо

Со својот тим направил истражување и дошле до многу интересни податоци, главно до документи кои не биле објавени во јавност, разговарале со инженери од Винча, имале средби со луѓе од Државната безбедност кои потврдиле дека „фајлот“ атомска бомба постои (но никогаш не излегол во јавност), а потоа заминале во Париз каде се виделе со доктори од болницата „Кири“ (болница во која се лекуваат озрачените Југословени во филмот). Разговарале и со ќерката на професорот Мате, како и со ќерката на професорот Шварценберг.

– Не можев да дојдам до донор, секако помина доста време оттогаш тие веќе не се ни живи, но успеавме да дојдеме до сите важни луѓе. За жал, не се повеќе живи ниту нашите (српските) научници, последен жив беше Радојко Максиќ, кој почина пред две години од корона. Нема повеќе живи сведоци – истакна Бјелогрлиќ на прес-конференцијата одржана по премиерата на филмот во Скопје.

Повеќе проблем за снимањето на филмот, барем на почетокот, имале со дозволите за снимање во Винча, и со жителите кои не сакале да зборуваат за тој настан.

– На почетокот не ми дозволија да снимаме во Винча, но откако им кажав дека можам да снимам и во Словенија, а луѓето потоа да се прашуваат зошто, ни дозволија – рече режисерот.

Но, Бјелогрлиќ очекува полемиката да се развие откако повеќе публика ќе го погледне филмот.

– Тоа е и задачата на културата, да ги заинтригира луѓето, да почнат да се интересираат за некои настани, да се информираат. Но, најважно е тоа што не треба да се занемари хуманиот дел од приказната. Би сакал тоа да остави најголем впечаток на луѓето – истакна тој.

Сценариото за филмот „Чувари на формулата“, по книгата на Милашиновиќ, го напишале Драган Бјелогрлиќ, Вук Ршумовиќ и Огњен Свиличиќ, а главната улога на српскиот научник одговорен за катастрофата во Винча припадна на Радивоје Буквиќ. На улогата Буквиќ ѝ пристапил со аскетска дисциплина, губејќи десеттина килограми за да го долови распаѓањето на озраченото човечко тело, а покрај физичкото преобразување покажа и голем глумечки талент. Бјелогрлиќ пак, се појавува во филмот преку ликот на Лека Ранковиќ (првиот началник на ОЗНА и УДБА чиј притисок наводно довел до кататсрофата во Винча), зашто „отсекогаш му било предизвик да игра контроверзни ликови“.

Според реакциите по премиерите на филмот во регионот, неодамна и во Франција, извесно е дека „Чуварите на формулата“ ќе ја достигне или надмине популарноста на „Тома“, а многумина веќе го споредуваат со Нолановиот хит „Опенхајмер“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот