Македонија ќе ги брои починатите од ковид исто како Америка

Медицински тим вади труп на починато лице од коронавирус од Инфективната Клиника во Скопје / 31 март 2020, Скопје, Северна Македонија / EPA-EFE/NAKE BATEV

Комисијата за заразни болести ќе го менува начинот на кој се бројат починатите од ковид -19 во земјава, откако е констатирано дека смртноста е алармантно висока и дека Северна Македонија се наоѓа на четвртото место во светот по починати на 100 илјади жители.

Како што за „Слободен печат“ брифираат извори од Комисијата, во опција се два начини на кои се разговара да биде сменет начинот на евидентирање на смртноста како последица на коронавирусот во земјава. И за двата начини е дискутирано на последната седница на Комисијата за заразни болести но не се донесени препораки ни заклучоци.

Првата опција е да се направи методологија во која ќе се прецизира кои лица починале од ковид -19 како основна односно главна причина за смртта, а кои лица починале во случаи каде ковид- 19 бил пропратна причина за смртта. Овој пример, според нашите извори од Комисијата, соодветствува на американскиот модел, каде што првите 8 месеци од пандемијата се броеле сите починати кои биле позитивни на ковид како починати од ковид. Но, подоцна, во Америка се смени начинот на евиденција и се воведе поинаква методологија која се планира да се воведе и во Македонија. Така ќе се прави разлика, дали ковид бил главна причина за смртта, или пак придружна причина која го забрзала смртниот исход. Значи, ќе се направи обид да се издвојат лицата кои починале како последица на друга болест, како канцер на пример, ама ковид го забрзал настапувањето на смртниот исход.

Втората идеја за промена на методологијата на евидентирање на смртните случаи од ковид во државава која била дискутирана на состанокот на Комисијата за заразни болести, била да се каже со кои коморбидитети биле лицата кои починале односно да се претстави една пореална слика со која ќе се потенцира дека исходот од ковид е многу полош кај болните од други болести.

Идејата со ова решение би била да им се прикаже на луѓето дека коморбидитетите имаат голема улога во смртноста.

Според последната статистика на Институтот за јавно здравје, досега во земјата се направени вкупно 1.826.611 тестирања за ковид -19. Вкупната бројка на позитивни лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 280.594, бројот на оздравени пациенти е 259.898, на починати е 8.624, а бројот на активни случаи изнесува 12.072. За едно деноноќие починале 25 лица а од нив седуммина биле целосно вакцинирани, а кај 23 лица биле регистрирани коморбидитети.

Инфографик: Пресек за состојбата со ковид-19 во РСМ заклучно со 8.2.2022/Слободен печат/Елисавета Бејкова

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот