„Мајка“ на Берлинале: Приказна за обичната жена зад митот

Екипата на „Филмски печат“ разговараше со наградуваната режисерка Теона С. Митевска за најновите активности, а таа ни откри повеќе и за атмосферата на Берлинскиот филмски фестивал, каде што минатиот месец го претстави филмскиот проект „Мајка“.

Новиот филмски проект „Мајка“, инспириран од животот на Мајка Тереза, беше претставен минатиот месец на Копродукцискиот маркет на престижниот Берлински филмски фестивал. Планот, открива режисерката Теона Стругар Митевска за „Филмски печат“, е да се снима во септември 2023. Инаку, Митевска во моментот е во постпродукција и на филмот „Најсреќниот човек на светот“, што го снимаше лани во Скопје и во Сараево.

– Копродукцискиот маркет на Берлинале е можност за претставување проекти, како и барање потенцијални копродукциски партнери. Тој е еден од најзначајните во светот, исто како и копродукцискиот маркет „Ателиер“ во Кан, каде што минатата година бевме со „Најсреќниот човек во светот“ – појаснува Митевска за „Филмски печат“.

Теона и Лабина Митевски на маркетот на Берлинале 2022

Митевска дипломира на Факултетот за визуелни уметности во Филаделфија, а потоа магистрира во Њујорк, каде што ја обучуваат врвни имиња од филмскиот свет. По шест играни филмови, „Мајка“ ќе биде нејзин прв филм на англиски јазик.

– Оваа одлука произлегува од историскиот период што го третираме во филмот: Калкута, Индија, во 1948 година. Продукцијата е секако наша, на „Сестри и брат Митевски“, во соработка на Антре Шиан е Лу од Белгија. Проектот наиде на неверојатен интерес на Берлинале, во следните неколку месеци ќе одлучиме со кои други земји ќе ја затвориме финансиската конструкција. Наскоро го почнуваме и кастингот – најавува таа.

Сценариото е на писателот Гоце Смилевски. Митевска ни откри дека одамна сака да ја раскаже приказната за мајка Тереза, од поинаков, допирлив агол.

– Проектот „Мајка“ го почнавме пред осум години, по снимањето на документарецот „Тереса и Јас“ му пријдовме на Гоце Смилевски и му понудивме соработка. Гоце го напиша сценариото за „Мајка“, а приказната следи пет дена од животот на 40-годишната мајка Тереса пред таа да стане Мајка Тереза. Живееме во возбудливо време кога имаме можност да ја реконструираме историјата, односно да зборуваме за оние други аспекти, скриените приказни што досега не биле дел од етаблираното и широко прифатеното. Со години сакам да направам филм за жената зад митот, и по истражувањето што го направив за време на снимањето на документарецот „Тереса и Јас“, карактерот на мајка Тереса потполно ме фасцинира и тогаш решив да се впуштам во оваа авантура – раскажува Митевска.

Режисерката Теона С. Митевска со екипата на филмот „Најсреќниот човек на светот“/ Фотографија: Иван Блажев

Оваа многу наградувана режисерка ни откри и дека периодов е прилично ангажирана.

– Во моментот сум во постојано движење, патувам помеѓу Копенхаген, Брисел и Скопје, работам на постпродукција на „Најсреќниот човек во светот“, кој го снимавме минатиот август и септември во Скопје и во Сараево. Монтажата на сликата е во Копенхаген, дизајнот на звукот во Брисел, миксот на звукот назад во Копенхаген, во тонското студио на Ларс Вон Триеровата „Зентропа“, и така натаму… Такви се денешните копродукциски постпродукциски структури. Покрај звукот и сликата, постпродукција подразбира и сѐ друго што влегува во процесот на финализирање на еден филм. Минатата недела бев во Скопје, каде што со современите уметници Христина Иваноска и Јане Чаловски сме во подготовки на „Македониум“, нискобуџетен арт-филм, чие снимање е планирано за април оваа година, а во меѓувреме се радувам на премиерата на Рисима Рисимкин и „Скопје танцовиот театар“ во Театарот „Шајо“ во Париз – вели Митевска.

Фестивалите се места на собир, креативна размена, дискусија и поддршка, без нив филмската уметност го губи правецот / Фотографија: Иван Блажев

Сепак, со жалење забележува и дека пандемијата, а сега веќе и ситуацијата во Украина, силно ги хендикепираат филмските фестивали.

– Пандемијата промени многу работи, престанавме да комуницираме, да разменуваме идеи. Фестивалите се места на собир, креативна размена, дискусија и поддршка, без нив филмската уметност го губи правецот. Иако годинава Берлинале се одржа во лимитирано издание, сепак се одржа, и тоа е најважно. Покрај средбите со потенцијални партнери гледавме филмови, бевме во кино, а тоа е вистинско освежување. Се надевам дека наскоро работите ќе се вратат во нормала, иако со постојната ситуација во Украина, не изгледа баш така – констатира Митевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот