
Лукровски: Карпош ќе има катни гаражи со соларни панели, паркови, реновирани училишта, униформи…
Карпош ќе стане уредена и зелена општина, со нови паркинзи, катни гаражи, реновирани паркови и спортски зони. Ќе се решаваат проблемите со дивата урбанизација, ќе се реновираат градинките и училиштата. Ќе се воведе ред и безбедност, а Карпош ќе биде место за култура, спорт и заедништво, со нови патеки, настани и активни маала, рече во своето обраќање на народниот митинг Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Во Карпош ќе има каде да се паркираме. Ќе изградиме нови паркинг места и катни гаражи со соларни панели. Ќе ставиме ред во сообраќајот. Ќе воведеме еднонасочни улици, јасна сигнализација и вистинска безбедност за сите. Ќе ставиме крај на дивата урбанизација. Доста е со мафијашки зделки и бетонски пустини. Јас нема да бидам ничиј партнер во инвестициите. Ќе формираме јавно претпријатие Карпош план, со кое ќе воведеме ред во урбанизмот и ќе ги решиме илјадниците легализации транспарентно и чесно, заедно со вас сите, граѓаните“, наведе Лукровски.
Воедно, вети дека освен што ќе бидат средени постојните, ќе има и нов парк 1020, а ќе има и низа други активности:
„Ќе спортуваме и ќе се рекреираме во новата рекреативна зона Карпош хајкинг делта, тротоарите мора да бидат безбедни, клупите ќе ги обновиме, улиците да ни светнат. Ќе создадеме подобри услови за најмладите. Ќе отвориме нови места во градинките, ќе ги реновираме училиштата и воведеме редари во и надвор од нив, ќе воведеме униформи со печат на општината, симбол на нашето заедништво и на нашата гордост. Карпош ќе живее со спорт и култура. Ќе поддржиме спортски клубови, ќе изградиме нови патеки, сали и забавен парк со картинг. Нашите маала ќе оживеат со концерти, улични настани и уметност на секој ќоше“.
Лукровски тврди дека Општината ќе биде отворена за граѓаните, без затворени врати и политика за поединци и дека тој секој ден ќе биде на терен, во контакт со народот, со поддршка за пензионерите, за лицата со попреченост и сите карпошани.
„Ќе ја вратиме Општината во рацете на граѓаните. Нема повеќе затворени врати. Нема повеќе политика на поединци. Секој ден ќе сум еден од вас, секој ден ќе сум на терен меѓу вас, меѓу луѓето, меѓу народот, меѓу граѓаните на Општина Карпош. Ќе дадам поддршка и за пензионерите, за лицата со попреченост, за секој карпошанец. Ќе ги обновиме фасадите, лифтовите, јавните простори“, предизборно ветува Лукровски.