Луѓето се загрижени за недостатокот на концентрација: За што всушност се работи?

Фото: Pexels

Стапката на дијагнози на АДХД е во пораст, а објавите на социјалните медиуми убедија уште повеќе луѓе, дека имаат проблеми со концентрацијата и вниманието. Дури и луѓето кои не побарале лекарска помош, сметаат дека фокусирањето им станува потешко, пишува „Тајм“.

Неодамнешното истражување во Велика Британија покажа дека околу половина од возрасните мислат дека нивното внимание се намалува, а многу наставници велат дека истото се случува и со децата.

Адам Браун, ко-директор на Центарот за внимание, учење и меморија, на Универзитетот „Св. Бонавентура“, во Њујорк, вели дека има добра причина за загриженост. Според него, недостатокот на внимание достигнало ниво на „епидемија“. Но, тој додава дека има и добри вести. Тоа е епидемија што може да се врати.

Професорката по психијатрија и бихејвиорални науки, на Медицинскиот факултет во Вашингтон, Маргарет Сибли вели дека таа и нејзините колеги се „преплавени“ со клиенти кои всушност немаат АДХД, но поради слабата концентрација се убедени дека ја имаат таа дијагноза.

Фото: Pexels/ andrea /piacquadio

„Слабата концентрација не е ништо ново. Фокусот природно расте и опаѓа во зависност од бројни фактори, од тоа колку спиел некој претходната ноќ, до тоа колку е заинтересиран за задачата што треба да ја заврши“, вели Сибли.

Повеќето луѓе без хронични проблеми со вниманието, веројатно би можеле прилично добро да се фокусираат ако им биде дадена задача во тивка, празна просторија, но веројатно би ја направиле полошо, ако ја извршуваат истата задача во просторија со луѓе кои зборуваат и има гласна музика.

Сибли вели дека во современиот живот, ние во суштина живееме во просторија полна со одвлекување на вниманието цело време, благодарение на сè понапорните барања на работата и домашниот живот, социјалните стресови како и пандемијата и постојаното „искушение“ на мобилните телефони, социјалните медиуми и интернетот.

Екраните се „минско поле“ за одвлекување на вниманието, со нивниот постојан проток на известувања и информации – кои намерно се дизајнирани на тој начин.

Во неговото јадро, интернетот е изграден за да ги искористи предностите за начинот на кој луѓето размислуваат. Човечкиот мозок копнее за новина, возбуда и социјална поврзаност, а електронските апарати ги задоволуваат тие желби.

Фото: Pexels/ mikhail nilov

Истражувањето потврдуваат дека сѐ повеќе се предаваме на дигиталното искушение. Во раните 2000-ти, биле следени луѓе додека користат електронски апарати и биле документирани моментите кога секој пат нивниот фокус се префрлал на нешто ново.

Ова се случувало во просек на секои две и пол минути. Во неодамнешното повторено истражување, просекот паднал на околу 47 секунди.

И покрај влијанието на технологијата, експертите, велат дека не ја губиме нашата способност за фокусирање. Сепак, тешко е објективно да се одреди колку некој може да го задржи вниманието и како тоа се менува со текот на времето.

Дури и дијагностичките критериуми за АДХД – значајни и хронични проблеми со вниманието, што се мешаат во секојдневниот живот на една личност – се донекаде субјективни. Кај луѓето кои не ги исполнуваат тие критериуми сликата е уште покомплицирана.

Голем дел од истражувањата користат форми на однесување – како што се земање белешки или нервозата, како посредник за вниманието, но однесувањето не е нужно исто, како и самото фокусирање.

Во многу случаи, се чини дека способноста луѓето да обрнат внимание, зависи од тоа колку им е интересна содржината што им е понудена и колку добро е претставена, што го прави мерењето на нивното вродено внимание тешко и „малку бесмислено“.

Истражувањата, исто така покажуваат дека околината има значително влијание врз вниманието, па менувањето на околината може да го подобри фокусот.

Фото: Pexels/ andrea piacquadio

Како да го вратите фокусот

За луѓе со сериозни, хронични проблеми со фокусот, тие модификации може да вклучуваат работа со професионалец за ментално здравје и/или земање лекови. Но, повеќето луѓе кои имаат повремени проблеми со концентрацијата, можат сами да работат на тоа.

Според мислењето на научниците постои една основна работа, поважна од која било друга, да ги отстраните електричните апарати. Во моменти кога треба да се концентрирате, земете ги апаратите и ставете ги што подалеку од себе.

„Свртувањето на телефонот со лицето надолу не е секогаш доволно. Истражувањата покажуваат дека се додека телефонот е во нашето видно поле, ќе ни биде тешко да се фокусираме, а звуците на само едно известување, може целосно да ја уништи концентрацијата“, вели д-р Браун.

Исто така, важно е да ги процените вашите приоритети и да ја фокусирате вашата енергија таму, наместо да се обидувате да го поделите вашето ограничено време и внимание во милион насоки.

Научниците препорачуваат да визуелизирате како сакате да изгледа вашата блиска иднина и да ја искористите како мотивација во сегашниот момент. Ако можете јасно да замислите колку би било убаво да ја завршите работата, а потоа да одите на прошетка со пријателите или партнерот, можеби ќе бидете повеќе фокусирани за време на вообичаениот попладневен пад на енергијата. Доволно спиење, редовни паузи и поминување време надвор се исто така корисни.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот