
Лорен Санчез и Џеф Безос во проблеми поради протестите: Мораат да ги променат деталите за свадбата во последен момент
Џеф Безос и Лорен Санчез се принудени да го сменат гламурозното место за свадбата во Венеција поради протестите и тензиите меѓу САД и Иран.
Препорачано
Луксузната свадба на Џеф и Лорен во Венеција, проценета на 48 милиони долари, предизвика бројни контроверзии, а поради зголемените тензии и протестите, двојката беше принудена да смени една од локациите за прославата во последен момент, објавуваат италијанските медиуми, пренесува „Дејли мејл“.
Најновата вест е дека забавата што требаше да се одржи во сабота навечер во историскиот дворец Скуола Гранде дела Мисерикордија е преместена во населбата Арсенале, каде што пристапот е полесен за контрола поради очекуваните протести.
Според весникот „Ил Газетино“, организаторите не ја игнорирале пошироката геополитичка ситуација, особено тензиите меѓу САД и Иран, со оглед на близината на големата американска воена база во Авијано, на само 80 километри од Венеција.
За да е сигурен дека сè ќе помине без инциденти, Безос ангажирал и поранешни американски маринци кои ќе бидат задолжени за безбедноста за тридневната свадба, која започнува на 26 јуни.
Исто така, беше одржан и посебен состанок на локалните власти, полицијата и приватното обезбедување за да се процени безбедносната состојба. Фокусот е првенствено на протестите, кои се најавуваат со денови како одговор на фактот дека милијардерот практично го изнајми овој историски град за сопствена корист.