Лондон панимајет по руски

Не сме сите шпиони што шетаат со шишенца со новичок и метални кутивчиња со полониум по торби и џебови. Ниту пак оние „хеденшоулдерс“* типови во крути кожени јакни што седат во скапи црни возила, стратешки распоредени околу куќите на видни руски бизнисмени или бивши дисиденти (макар што, еднаш дисидент, секогаш дисидент) и чекаат момент кога официјално нема да направат ништо, а сопственикот на куќата можеби ќе се лизне на банана и ќе се обеси, така неколкупати. Некои од нас дојдоа тука да избегаат од, како што велат „безочниот капитализам“ што ѝ се случи на Русија по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Други, тврдат, да ги школуваат децата во елитни училишта. Трети, се правдаат, да вложат и да купат недвижности. Четврти, да… па да живеат, да го уживаат Лондон, да студираат, си ја истражуваат сексуалноста и да им е убаво. И што има тука лошо. Па, досега никој не прашал од каде се парите, никој не проверил за потеклото на имотот, што па сега одеднаш…

Ама долгоочекуваниот извештај за руското влијание врз британската демократија беше објавен на 21 јули, откако владата на премиерот Борис Џонсон се трудеше повеќе од една година да го одложи, и откако не ѝ успеа, го коментираше дека сега веќе не е релевантен, што исто така не ѝ успеа. Во него, главно, се вели дека руското влијание во Обединетото Кралство е „нова нормалност“ , дека земјата е „врв на разузнавачка цел на Русија“ и алудира на можно присутно руско влијание врз шкотскиот референдум во 2014 година и британскиот брегзит во 2016 година. Што со оглед на два битни факти – британската влада не побара од сопствените разузнавачки служби да истражат и да видат, што тоа им прават Русите дома и тесните исходи на двата референдуми, ги прави овие сомневања… па, уште посомнителни, односно – позагрижувачки. Нормално, руската официјална реакција од Министерството за надворешна работи беше негирање и констатирање дека Британците одеднаш станале русофоби.

А сѐ беше така фино и убаво и пријателски во земјата. Главно пријателски, само одвреме-навреме кога Русите ќе претераа со труење и кога ќе настрадаше некој британски државјанин, ќе се заостреа мерките. Но британската ЕмАј5, откри извештајот, која пред 20 години трошела 20 отсто од средствата на откривање и следење и контролирање на руските влијанија, денес издвојува одвај 3 отсто, зашто вниманието е главно, со право, велат, ама сепак, свртено на тероризам, ИСИС и исламизам.

Цел Лондон руска пералница пари

Со децении руските богаташи и олигарси доаѓаа тука, главно во Лондон и околината, и трошеа. Никој не им бараше потекло на имот. Никој не ги праша од каде им се парите. Сите премолчено знаеја дека парите се „црни“, ама фино легнува на британските сметки. Едно време навалицата беше таква што за првпат на најголемата шопинг улица во Лондон, Оксфорд стрит, во секоја втора продавница имаше напис на кој се велеше „ми говорим по руски“, за да не си го кршат јазикот мајките, татковците, љубовниците, студентите и дадилките на децата што студираа и студиркаа тука, при трошењето на парите. А се трошеше, леле колку се трошеше. Прво се плаќаше во кеш, за дури потоа на сцена да стапат картички од разни банки во разни живописни бои, кои им поминуваа, а касите ѕвонеа ли ѕвонеа. И сега сето тоа продолжува до денешен ден, но многу подискретно, поелегантно и – па, понормално. Зашто руските пари веќе подолго време се дел од лондонското секојдневие.

Роман Абрамович е сопственик на фудбалскиот клуб Челси (се пишува со С, се чита со С и се изговара со С), според списокот на најбогати во земјата на „Сандеј тајмс“е на 10. место. Оженет, па разведен за американската Русинка Даша Жукова, која исто живееше во Лондон, ќерка на рускиот трговец со нафта Александар Жуков, сега омажена за милијардерот Ставрос Ниархос. Тука се и брачниот пар Владимир (поранешен банкар) и Лубов Чернухин, милијардери, нормално, кои сега имаат и британско државјанство и кои се најголемите донатори во историјата на Конзервативната партија. Лубов, официјално донирала 1,2 милиони фунти за партијата и често организира балови, на кои почесни гости се членови и пријатели токму на оваа партија. Чернухин порано бил близок сојузник на Путин, но двајцата наводно веќе не се во добри односи.

Александар и Евгениј Лебедев го купија лондонскиот весник „Ивнинг стандард“ во 2009 година и го назначија поранешниот ториевски канцелар во владата на Камерон, Џорџ Озборн, за главен и одговорен уредник, а неодамна ја вработија и сестрата на жената на поранешниот британски премиер Саманта Камерон**. Евгениј има двојно руско британско државјанство и активна улога во лондонската социјална сцена – нема прием без него во прв план! Олег Дерипаска, пак, за оние што не го знаеја (ако има такви) стана подобро познат во земјата во 2008 година кога се појави фотографија од неговата јахта на Крф со гостите, поранешниот ториевски канцелар, погоре споменатиот Озборн и лабуристот Лорд Манделсон. Тој порано имаше куќа на Белгрејв сквер, кој „Тајмс“ го нарече Црвен плоштад од што имаше густа концентрација на богати Руси на метар квадратен. Тој е руски државјанин, основач на конгломератот Базик елемент и чест гостин во Лондон. Андреј Гончаренко, претседавачот на Газпром, најголемата руска нафтена компанија, го сметаат за милијардер што не сака да се истакнува. Со сопругата Марина се вели дека купиле недвижнини во вредност од 250 милиони фунти, најскапата од конзервативецот Лорд Багри за 120 милиони фунти, велелепното здание Хановер лоџ.

Линијата одамна помината

Низ медиумите деновиве, пак, почнаа да се појавуваат и извештаи кој од политичарите колку и како низ годините од руските милијардери и милионери добивал помош и поткрепа, што во вид на директна, што во вид на индиректна финансиска и секаква друга поддршка. Тука неколку илјади, таму собирање пари, донации и услуги, пријателства и вмрежување, бизниси мали, средни и големи. Тенка е линијата, всушност не, одамна е помината, а во Лондон има нова руска реалност, со која луѓето живеат толку долго што веќе никој не ја забележува како посебност. Освен, нели, сега неуспешно одложуваниот извештај на Комисијата за разузнавање и безбедност, кој ја изненади и ја загрижи јавноста, но само ја потсети владата на она што таа очигледно го знае, ама не сака никој да ѝ кажува и да ја „потсетува“, ниту кога имаше очигледна руска вмешаност во демократската кампања во американските избори во 2016 година. Заканата од Москва е толку цврсто и длабоко навлезена внатре во границите на земјата, заклучи извештајот, што нема да може да се извади, зашто, додавам јас,  изгледа дека во британско-руските бизнис интереси како да не се знае каде завршува Британија, а каде почнува Русија?! Или обратно. Звучи нелагодно, дури и застрашувачки? Во комбинација со пандемијата, со повеќе од 60.000 починати од несоодветното справување со заразата, исламизмот и тероризмот, со немањето договор со ЕУ за брегзит, со растечката невработеност која, велат, ќе достигне до 6 милиони, со кавгата со Кина околу Хонг Конг, ова, според однесувањето, за владата како да е  „најмалото зло“. Ама имам чувство дека „руската мечка“ ќе продолжи да му го нарушува сонот на Џонсон. Кој цел живот, вели неговиот биограф, сонувал да биде премиер. Ех, едно е што сонувал, друго што му се случува…

*хеденшоулдерс – скопски жаргон за телохранители на кои главите им се составени со вратовите.

**сестрата на Саманта, која е золва, јатрва, балдаза… на Камерон или уште еден доказ дека никако да ги научам роднинските релации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот