Лондон и Анкара креваат брана за мигрантскиот бран

Група авганистански мигранти покрај пруга во Татван во источна Турција - Фотографија ЕПА, Седат Суна

Проблемот со мигрантите е важно политичко прашање во Британија спроти очекуваните парламентарни избори в година. Рејтингот на владејачките конзервативци заостанува зад опозициските лабуристи

Обединетото Кралство и Турција склучиле договор за запирање на бранот нелегални мигранти од Блискиот Исток и Африка кон Европа. Договорот вклучува спроведување заеднички британско-турски полициски операции против криминалните групи што тргуваат со мигранти и со бротчиња за транспорт.

Мигрантскиот бран кон Европа преку Медитеранот годинава е посилен отколку во претходните неколку години, а патувањето е уште поопасно, бидејќи шверцерите настојуваат да ги избегнат построгите патроли. Вчера најмалку 41 мигрант загинал при бродолом на бротче близу италијанскиот остров Лампедуза. Бродоломот го преживеале само тројца мажи и една жена. Тие истакнале дека 45 луѓе, вклучувајќи и три деца, тргнале од Тунис кон Европа, но по шест часа на море големи бранови го превртеле бротчето и го потопиле.

Проблемот со мигрантите е важно политичко прашање во Британија спроти очекуваните парламентарни избори в година. Рејтингот на владејачките конзервативци заостанува зад опозициските лабуристи. Владата на премиерот Риши Сунак настојува да ги запре мигрантите што подалеку од брегот на Британија и за таа цел ќе поддржи изградба на нов центар на турската полиција и ќе ја зајакне соработката. Потпишан е меморандум за поефикасна размена на податоци меѓу царинските служби.

– Нашето партнерство со Турција, наш близок пријател и сојузник, ќе им овозможи на нашите агенции за безбедност да соработуваат за овој меѓународен проблем и да се посветат на разбивање на синџирот за доставување мали бротчиња – објави министерката за внатрешни работи Суела Брејверман.

Британските власти пред неколку денови почнаа да префрлаат дел од барателите на азил во голем резиденцијален ферибот трајно вкотвен на јужниот брег, за да ги растовари хотелите. На трикатниот брод „Биби Стокхолм“, вкотвен во Портланд, има 200 соби и место за 500 луѓе. Лондон планира да префрли дел од азилантите и во Руанда, но планот на владата беше оспорен пред Врховниот суд.

Стотици мигранти се префрлени на пловечкиот дом „Биби Стокхолм“, вкотвен во Портланд – Фотографија ЕПА, Нил Хол

Повеќе од 50.000 имигранти што побарале азил во Обединетото Кралство се сместени низ хотели, главно на брегот покрај Ламанш. За грижа за мигрантите властите издвојуваат по повеќе од 6 милиони фунти на ден.

– Ќе престанеме да ги користиме хотелите за привремен престој на мигрантите. Наместо тоа, нудиме алтернативни места, што полесно се управуваат од локалните заедници, а во кои се задоволени основните потреби на вдомените – порача канцеларијата на Сунак.

Министерката за домашни работи Сара Дајнс изјави за „Скај њуз“ дека префрлањето на ферибот испраќа порака дека „Британија ќе обезбеди пристоен, но не и луксузен престој“ за мигрантите, кои ќе може да останат во центарот меѓу три и девет месеци, колку што вообичаено трае процедурата за барателите на азил.

Турција, пак, објави дека за само два месеца запрела речиси 36.000 илегални мигранти и близу 1.400 шверцери на луѓе.

– Турските сили за безбедност извршија 2.540 операции насочени против илегалната миграција и трговијата со луѓе. Од вкупно 35.867 запрени мигранти, повеќе од 17.000 веќе се депортирани, а другите се во процес на протерување. Од 1.345 шверцери со луѓе, уапсени се 372 – соопшти министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

И пред да го склучи договорот со Британија, Турција ги заостри мерките против нелегални мигранти на своја територија – лицата што нелегално влегле, работат без дозвола или останале подолго отколку што им е дозволено со визи. На 4 јули низ Истанбул беше спроведена обемна операција во квартови во кои вообичаено престојуваат мигранти – во напуштени и јавни згради, бротчиња, средства за јавен транспорт и паркови. Провинциската администрација објави ултиматум до Сиријците со привремена заштита да го напуштат Истанбул најдоцна до 24 септември.

Во најголемиот турски град има 1,2 милион регистрирани мигранти – од бегалци од Сирија, па сѐ до странци со привремен престој заради работа или студирање. Се претпоставува дека реалниот број лица со нерегулиран престој во Истанбул е многу повисок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот