Лога бара да се свика Советот за безбедност: Дали се опасни 2.800 осуденици што се на улица?

Кренар Лога - министер за правда / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

 Ќе барам информации од МВР дали ги контролираат 2.800-те осуденици што секојдневно се на улица, меѓу нас и меѓу нашите деца. Ако МВР врши надзор врз нив или ако Спасовски понуди друго решение, тогаш нема повторно да го поднесам законот за амнестија, вели министерот Кренар Лога за „Слободен печат“.

Министерот за правда Кренар Лога најдоцна до понеделник, преку писмен допис, ќе бара претседателот на државата Стево Пендаровски да го свика Советот за безбедност, откако вчера во Собранието не помина потребата по скратена постапка да се донесе законот за амнестија. Лога ќе бара средба и со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој оцени дека амнестијата не е решение за растоварување на затворите. Од мислењето на највисокото советодавно тело, надлежно за безбедноста во државата, ќе зависат и идните чекори на министерот, односно дали, како што веќе најави, повторно во Собранието ќе го поднесе законот за амнестија, но сега во редовна постапка.

– Денеска или најдоцна в понеделник писмено ќе се обратам да биде свикан Советот за безбедност со барање да даде процена дали е загрозена безбедноста на граѓаните и на нашите деца, бидејќи во моментов 2.800 осуденици што се со упатен акт за издржување казна во затворите се на улица зашто нема место во затворите, каде казна издржуваат 2.100 осуденици. Ќе барам информации од МВР, односно од Спасовски, дали се врши надзор и дали ги контролираат 2.800 осуденици кои секојдневно се на улица, меѓу нас и меѓу нашите деца. Дали тие во затворите се криминалци, а осудениците што чекаат да влезат во затвор се академици и не ни ја загрозуваат безбедноста. Ако МВР врши надзор и контрола врз нив или ако Спасовски понуди друго решение, тогаш нема повторно да го поднесам законот за амнестија – вели Лога за „Слободен печат“.

Тој најавува дека пред да одлучи дали законот за амнестија повторно ќе влезе во собраниска процедура, ќе бара на писмено од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кое е нивното предлог-решение за излез од овој ќорсокак.

Против законот во неколку наврати се изјасни министерот за внатрешни Спасовски. Тој оцени дека носењето на законот за амнестија нема да има никакви конкретни ефекти и нема да ја смени состојбата со пренатрупаноста на затворите. Тој изјави и дека моментот на носењето на законот е несоодветен.

– Опфатот којшто е соопштен дека ќе опфати прилично мал број лица, исто така, нема да помогне во многу. Нема да придонесе значително да се ослободат места или да се намали притисокот на казнено-поправните установи – изјави неодамна Спасовски.

Тој додаде дека досегашните искуства покажале дека лицата осудени за разбојништва и тешки кражби многу често по излегувањето од затвор ги повторуваат делата и дека тоа претставува дополнителен товар по безбедносната состојба.

– Секогаш укажуваме на тоа дека лицата кои сториле кривични дела, пред сè, разбојништва и тешки кражби, претставуваат уште еден товар за безбедносната состојба. Или, ако ги погледнеме минатите закони за амнестија, ќе видите дека најголемиот дел од тие лица за два до три месеца повторно се враќаат назад поради тоа што имаат повторно кривични дела со кои ние секојдневно се справуваме – рече тогаш Спасовски.

Токму безбедносниот аспект на кој укажа Спасовски, сега го користи Лога со барањето Советот за безбедност да ги процени безбедносните ризици за граѓаните со тоа што 2.800 осуденици наместо во затвор се на улица. Спасовски, пак, ќе треба да одговори дали МВР врши контрола врз тие осуденици.
Лога бара процена на безбедносната состојба не само од шефот на државата како претседател на советодавното тело, како и од членовите Талат Џафери, претседател на Собранието, кој не гласаше за законот за амнестија, премиерот Димитар Ковачевски, кој првично го поддржа законот, за потоа најави амандман, туку и од министерот Спасовски кој се изјасни дека е против законот. Членови на Советот се и министрите за одбрана и за надворешни работи Славјанска Петровска и Бујар Османи, за кои нема информација дали го поддржале законот, како и професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски.

Откако не помина законот во Собранието, министерот за правда оцени дека противењето на коалицискиот партнер СДСМ е одмазда кон него и Алијанса за Албанците, бидејќи биле против измените на Кривичниот законик.

По најавата на Лога дека повторно ќе го предложи законот за амнестија, од СДСМ брифираат дека остануваат на ставот дека законското решение нема да го постигне очекуваниот ефект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот