Линданот ќе патува во Франција, загадената земја во Холандија

Дислоцирањето треба да заврши за 12 месеци, за што веќе се обезбедени 8,4 милиони евра.

Спалувањето на ѓубрето што со години наназад се фрлало на дивите депонии во Скопје, но и линданот во ОХИС, се главните причини за лошиот квалитет на воздухот што го дишат скопјани, доколку не се земе предвид загревањето на домаќинствата со дрва во зимскиот период.

Во обид да се реши проблемот со загадувањето на воздухот, но и со загадувањето на почвата и водата, надлежните најавија дека на 13 јули и официјално ќе започне подготовката на теренот за чистење на малата депонија со линдан во ОХИС.

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека дислоцирањето на малата депонија треба да заврши за период од 12 месеци, за што веќе се обезбедени 8,4 милиони евра – заеднички средства од Глобалниот фонд за животна средина, Норвешка, Делегацијата на ЕУ и Владата.

Инаку, во април оваа година потпишано беше Решението за одобрување на Планот за ремедијација на локалитетот на ОХИС АД Скопје, со што се отвори можност да почнат активностите за отстранување на линданот и на почвата контаминирана со линдан од малата депонија.

Претходно, Министерството за животна средина и просторно планирање ги спроведе сите подготвителни активности за финализирање на Планот за ремедијација со УНИДО и на меѓународен тендер избраната фирма „Полиеко“, за безбедно чистење и ремедијација на малата депонија со опасниот отпад линдан, како и за дефинирање на временската рамка на изведбените работи.

Според предвиденото, линданот ќе се транспортира во Франција, а контаминираната земја ќе се носи во Холандија.

Сепак, за жал, отровниот линдан, закопан неколку метри под земја во дворот на поранешната фабрика ОХИС, кој со децении наназад, бавно, но постојано го труе скопското население, не е единствената причина за загриженост на луѓето кои живеат во скопската котлина. Имено, во изминатиот период, жителите од општините Аеродром и Гази Баба секојдневно се жалат на смрдеа и чад што доаѓа од депонијата Вардариште.

На посочената локација постојано се спалува отпад, а во текот на целата година несовесни граѓани спалуваат кабли или гуми, притоа загадувајќи го амбиенталниот воздух за нивна ситна заработувачка.

За да се спречи загадување на воздухот како последица на спалување отпад, надлежните најавија дека ќе воведат засилен инспекциски надзор.

– Поради поголем број пријави и објави на социјалните медиуми поранешната депонија Вардариште ќе биде под засилен надзор од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Инспекторатот на Град Скопје и МВР. Проблемот со поранешната депонија Вардариште е стар повеќе од 30 години, од нејзиното затворање. Депонијата е извор на загадување, каде што несовесни граѓани палат ѓубре и кабли, и нашиот инспекторат, во соработка со останатите институции работи на надминување на оваа состојба – информираат од Град Скопје.

Оттаму велат дека во насока на пронаоѓање системско решение, кое би подразбирало целосна санација и регулативизација на овој простор, Град Скопје изработил детална студија, а за нејзината реализација би биле потребни околу 26 милиони евра.

–  Град Скопје во наредниот период, преку Министерството за животна средина и просторно планирање ќе направи напори за обезбедување на овие средства преку европските фондови – најавуваат градските власти.

Исто така, во обид да се спречи спалувањето на отпадот, се расчистува и депонијата во Визбегово на која со децении наназад се складирале огромните количества шут и отпад од страна на несовесните граѓани. На расчистувањето на депонијата работат екипи на ЈП „Улици и патишта“.

Со расчистувањето на оваа огромна дива депонија, ќе се реши повеќедецениски еколошки проблем за Скопје, а особено за жителите на околните општини Шуто Оризари, Бутел и Чучер-Сандево. Натамошното уредување на овој простор е прашање за надлежните општини за оваа локација. Инаку, станува збор за една од најголемите диви депонии во Скопскиот регион, која се простира на 10 хектари, односно на 100 илјади метри квадратни.

„Жешка еколошка точка“ во Скопје е и огромната дива депонија во Ново Село покрај реката Лепенец, која ги уништува почвата, водата, воздухот и здравјето на граѓаните. Градските власти информираат дека минатата година се реализирала акција за расчистување на посочениот простор, но оттогаш до сега, на тоа место повторно има расфрлано огромно количество шут и отпад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот