Лидерите од регионот на неформална средба во Атина

Грчкиот Парламент во Атина / Фото: EPA-EFE/CHRISTINA ZACHOPOULOU

Лидерите од земјите од Западен Балкан и од земјите- членки на ЕУ од регионот, меѓу кои и премиерот Димитар Ковачевски, вечерва во Атина ќе учествуваат на неформалната вечера што ја организира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Ковачевски ќе се сретне со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, средба што ја најави и во синоќешното интервју за Сител, велејќи дека претседателката на ЕК од прва рака ќе може да се информира од него за текот на уставните измени, иако, како што истакна, „таа веќе ги има сите информации, и пред одржувањето на седницата во однос на поднесувањето“, како и за целиот процес.

На вечерата ќе присуствуваат премиерите на Северна Македонија и на Косово, претседателите на Србија и на Црна Гора, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и лидерите на земјите од регионот кои се членки на ЕУ, премиерите на Бугарија, Хрватска и Романија, додека пак Албанија била поканета на претседателско ниво, но нема да има претставник во Атина.

Во Грција, неофицијално се споменува дека можно е да присуствува и претседателот на Украина Володимир Зеленски, информација за која, веројатно од безбедносни причини, нема официјална потврда.

Неформалната вечера што ќе се одржи во Премиерската палта е за проширувањето на Унијата и европската иднина на регионот по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ- Западен Балкан и „Декларацијата од Солун“, а поканата на Мицотакис ја прифатиле и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кои ќе присуствуваат на вечерата.

За Атина, 20-годишнината од Самитот во Солун и поканата на грчкиот премиер до лидерите од регионот е можност да се истакне дека Грција е на страната на Западен Балкан и како членка на европското семејство, но и како најголема економија во регионот и посакува европска интеграција на регионот, за која постојат и пред услови.

Во оваа насока се и досегашните изјави на грчкиот премиер, кој континуирано ја истакнува цврстата поддршка на Грција за ЕУ перспектива на регионот, за која доста често официјална Атина потенцира дека станува уште поважна по руската инвазија на Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот