Лефков: Целосна блокада aко нема договор за избори ова лето

Миле Лефков / Фото: Архива на „Слободен печат“

Или договор за предвремени избори летово или целосна блокада на институциите и патиштата и протести низ градовите, најави денеска Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.

– Народот вчера се одлучи за промени. Над 70.000 граѓани од Скопје и сите делови од државата масовно кажаа „премногу е“! И побараа предвремени парламентарни избори. Владата е делегитимирана од народот. СДСМ и ДУИ немаат легитимитет да продолжат да ја водат државата. Никогаш досега не излегол толку народ на улиците, за во еден глас да побара промени и подобар живот. Владата паѓа, зошто народот е гневен и осиромашен, а СДСМ и ДУИ се причина за гневот и сиромаштијата – рече Лефков.

Народот не може веќе да чека нешто да се подобри, додаде тој, пет години државата стагнира, народот осиромашува, а криминалот царува.

Тој смета дека активната блокада вродила со плод.

– Ја изнесовме целата корумпираност и лицемерие на власта на површина. Беше потребно Ковачевски и целото СДСМ да глумат дека не го слушнале Талат Џафери како ги пцуе вработените во Собранието и им врши мобинг за да не падне владата. Ниту еден штетен закон не успеаја да протуркаат. Доколку нема договор за избори оваа лето, активната блокада ќе премине во целосна блокада. Тоа ќе биде целосна блокада на Собранието, на институциите, на патиштата, протести низ градовите.
Нема време за чекање, зошто ако се чека кризата ќе биде уште поголема – рече Лефков.

Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ почнува со протестно лето и дека тимови од партијата, членовите на ИК ќе ги посетат сите населени места, за, како пто рече, да извршат општа мобилизација и да го изразат незадоволството од политиките и лошата перспеткива и економска состојба.

– Владата мора да падне. Оваа криминална и корумпирана власт мора да си замине. Народот бара нова енергија – порача тој.

На новинарско прашање тој ја коментираше претстојната средба помеѓу владините коалициони партнери денеска попладне.

– Наместо денеска во владата да се собираат во израз на паника и нервоза од 70 илјади собран народ, нека се соберат тие истите челници па нека распишат избори, ајде да одиме на избори. Челниците на коалицијата кои што денеска се собираат во владата се практично причината за сите кризни состојби во кои се наоѓа државата и за сите проблеми на државата, сите кризи, криминал и корупција и причина за осиромашениот народ. Тие пет години не само што не поместија ниту еден милиметар напред туку истовремено ја уништија државата. Очекуваме Димитар Ковачевски и другите претседатели на политички партии, кога веќе се собираат да покажат малку храброст и да излезат на избори. Тие немаат ниту капацитет, ниту легитимитет да ја водат државата, така да изборите се решение и тие на собирот треба да се договорат што побрзо да се распишат предвремени парламентарни избори – рече Лефков.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот