Крушево ќе биде полно за празниците

Крушево
Крушево / Фото: Pexels/Micko Damnjanovski

Со капацитети и подготвени ски-терени, Крушево е подготвено за новогодишните празници и за зимската сезона. Во моментов е примамлива и посакувана туристичка дестинација. Крушево има богата понуда за сите гости и туристи.

-Годинава Крушево ги урна рекордите во поглед на посетеноста и на домашните и на странските гости. Според податоците од Централниот регистер бележиме 100 отсто поголема посетеност и на странски и на домашни туристи. Градот со понудата продлжува во интенцијата да биде попримамливо и попосетено туристичко место, вели Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Крушево на располагање има 600 категоризирани легла во приватниот сектор и околу 400 места во хотелите. За празниците годинава на иновативен начин го украсува централното подрачје.

– Оваа година првпат вклучуваме волонтери. Крушевските ученици, заедно со ентузијасти од градот иновативно го украсуваат центарот. Градот има и организиран пречек на Новата Година. За предновогодишната забава ќе се потрудат учениците и ентузијастите, а за учеството на естрадни ѕвезди е задолжен приватниот сектор, објаснува Христоски.

За резервираноста на капацитетите потврдуваат и од крушевските хотели.

-Капацитетот на хотелот „Панорама“ е целосно исполнет, а во „Монтана“ има само околу 10 отсто слободни места. Подготвени се и ски-терените и, воопшто, целосно сме подготвени и за празниците и за претстојната туристичка сезона, рече Љубица Стефаноска, угостителски менаџер.

Инаку, Крушево интензивно работи на подобрување на инфраструктурата, што значи дека ќе привлече повеќе туристи и посетители.

– Веќе започнавме со имплементирање на реконструкцијата на патниот правец Порта до Мечкин Камен, најавуваме и реконструкција на постојниот регионален пат од Крушево до Кривогаштани, а се работи и на повеќе локални патишта што значи, Крушево ќе стане пример за реализација на капитални проекти кои значат живот за граѓаните и развој на Општината, на локалната и на регионалната економија. Тоа значи и дека се подготвуваме за Светското првенство во параглајдерство за 2025 година, вели Христоски.

Градот го решава и прашањето со водоснабдувањето.

-Веќе зафативме нови извори. Ја реконструиравме и постојната мрежа до изворите во непосредна близина на Крушево. Во наредниот период, заедно со средствата од ТАВ-програмата ќе имплементираме 16,5 милиона денари за реконструкција на една фаза од водоводната мрежа во Крушево која досега доведуваше до многу загуби за градот – 30 до 40 проценти. Оваа зима нема да има проблем со водоснабдувањето, нагласува крушевскиот градоначалник Томе Христоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот