Крпен живот на Онкологија: Наредните два месеца може да снема терапија

Клиника за радиотерапија и онкологија / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Наредните два месеца можно е да снема терапија за болните од рак на Клиниката за онкологија, особено за дијагнозите карцином на дојка и карцином на бели дробови, дознава „Слободен печат“ од свои извори на Клиниката. Опасноста од недостиг е за околу 7 лекови. Причината е во тоа што лековите од тендерот се исцрпени, а нов ќе биде распишан деновиве. Додека да заврши постапката и бирократските процедури за новиот тендер ќе поминат месеци во кои ќе се создаде дупка во снабдувањето, бидејќи болницата повеќе не набавува лекови на реверс. туку само со одобрените буџети.

Затоа, овие неколку денови се клучни за болницата, бидејќи во нив се одвиваат интензивни состаноци меѓу Клиниката и Фондот за здравство за да се надмине опасноста од недостиг која демне врз пациентите, со обезбедување на дополнителен буџет. Терапијата којашто ја примаат пациентите на Онкологија трае долго време, а секое прескокнување е опасност за тоа дека таа нема да делува.

Голем дел од пациентите биолошката терапија ја примаат и за одржување, по завршувањето на хемотерапиите и тоа трае по две до три години. Во меѓувреме, нови пациенти се јавуваат на Клиниката со истите потреби за биолошка терапија и така се создава недостигот, бидејќи одобрените буџети се недоволни да ги покријат целосно и новите пациенти.

– Постапката за завршување на тендерот за лекови трае 90 дена и тие три месеци ќе бидат критични за пациентите доколку Клиниката не наиде на разбирање од Фондот за здравство, велат нашите извори.

Буџетот за 2024 година е веќе одобрен, за 10 дена ќе биде распишан тендер, ама лековите по завршувањето на постапката ќе дојдат во април. Февруари и март ќе бидат критични за пациентите и можно е да нема лекови особено најфреквентните, за рак на бели дробови и на дојка. Претходната 2023 година поминала со најмал дефицит на лекови, ама затоа што ФЗОМ го зголемуваше условниот буџет за биолошка терапија под притисок на јавноста дека во болницата пациентите остануваат без лек и дека во минатото тие дупки се надминувале со реверси.

Инаку, согласно препораките на Државниот завод за ревизија, наскоро се очекува Клиниката да биде растоварена од големиот број на пациенти кои што централно се лекуваат само таму. Се вршат подготовки да се отвори ново онколошко одделение во ГОБ 8 Септември. На 22 декември на Клиниката за онкологија заврши инсталацијата на линеарниот акцелератор кој фаќаше прашина и се очекува негово воведување во работата и започнување со зрачна терапија за пациентите.

Не е првпат да снема терапија за пациентите на Онкологија. Поплаките стигнуваа дури и до канцеларијата на Народниот правобранител, особено за жени со канцер на дојка, кои поради недостиг прескокнуваа терапии Херцептин.

Клиниката за Онкологија незаконски им ги крати ампулите Херцептин на пациентките со рак на дојка

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот