Кризата трае, стаса пикот, а крикот за мерки не допира до властите!

Инфективна клиника / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Комисијата за заразни болести направи грешка што не воведе порестриктивни мерки пред неколку недели, а тоа си го признаа со изјавата дека вирусот е широко распространет, вели за „Слободен печат“ професорот на Медицинскиот факултет и вирусолог, д-р Никола Пановски. Во меѓувреме бројот на заразени расте, хоспитализираните пациенти се повеќето на кисородна поддршка, а смртноста е голема.

– Требаше да има поригорозни мерки порано, а сега не знам. Самите кажаа дека направиле грешка со тоа што изјавија дека вирусот е широко распространет и затоа наводно немало потреба од нови мерки. Значи, мерките не се донесени кога требало, а требало да се воведат најмалку две недели претходно или еден месец порано. Комисијата треба да објасни зошто – вели Пановски.

Пановски: Бизнисите пред смртта на луѓето

Според Пановски, претседателот на Комисијата од една страна кажува колку е страшен вирусот, дека за три дена дека се умира, а во исто време дозволуваат кафеаните работат.

– Ако ги ставите тие бизниси пред смртта на луѓето, а го плашите народот колку е страшен вирусот, тоа е многу контрадикторно. Исто како што е и изјавата дека вирусот е проширен и нема потреба од мерки. Ако сега се воведат мерки, нема да имаат влијание 10 дена, бидејќи нивниот ефект се гледа по најмалку две недели. За да има ефект, треба да се направи две недели пред пикот. Ефект ќе има, но нема да биде таков каков што требало да биде –  вели Пановски.

Здравствените власти со недели најавуваат дека ќе ја следат состојбата со болничките кревети и бројот на заразени и така ќе одлучуваат дали има потреба од некакви дополнителни рестрикции, меѓутоа, нови мерки не носат. Тие сметаат дека постојните рестрикции, меѓу кои и полицискиот час, носењето маски и негрупирањето можат да дадат ефект. 

– Гледавме какви се искуствата во другите земји. Имаа поголеми рестрикции од нас, а пак имаа силен бран. Привремените одлуки за карантин не дадоа ефект. Тоа оди во прилог на тезата дека кога има широко распространета локална трансмисија единствено што треба да се прави е да се почитуваат сегашните мерки – вели министерот за здравство Венко Филипче. 

Комисијата за заразни болести, според најавата на Филипче, требаше да одржи состанок, но тој нагласи дека смета оти нема да има нови мерки.

Трајковски: Локдаун од 96 часа ќе ги намали бројките на 400 дневно

Болничките капацитети има уште, но се на работ на исполнетоста. Постојано се пренаменуваат нови ковид-одделенија. Возилата на итната помош не моѓаат да постигнат, пред ковид-центрите сликата е позагрижувачка – колони возила со часови чекаат пациентите да бидат примени.

Професорот на Техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Дејан Трајковски, статистички ги следи бројките на заразени и починати и досега точно прогнозираше. Според него, со 96-часовен локдаун, новозараздните би се намалиле на помалку од 400, а растот би бил постепен и бавен. Тој очекува пикот да биде во втората недела на април. Дотогаш, тврди Трајковски, просекот на дневните бројки не би требало многу да се зголеми над сегашните 1.090, со повремени ,,излети” до 1500.

– Повеќе од очигледна е страгијата на нашите здравствени власти да не го сопираат заразувањето, туку преку негово форсирање да ја зголемуваат прележаноста и така бројките спонтано да се намалат. Процениле дека е подобро голем пик со кратко траење, отколку понизок, а развлечен пик – обратно од она во што нè убедуваа на почетокот на епидемијата и што е поправилно – вели Трајковски.

Тој констатира дека завчера се поставени неколку рекорди на епидемијата: најголем дневен број на новодијагностицирани, највисок седумдневен просек – 1.114,  највисок седумдневен просек на дневниот број починати со што е соборен и рекордот од 27 ноември 2020 година.

– Пикот на умирањето во ноемврискиот бран беше достигнат 10 дена по пикот на заразувањето, што значи дека пролетниот пик на умирањето ќе биде достигнат околу 20 април. Бројките уште отсега се високи, многу веројатно е дека во втората половина на април ќе има денови и со 50-тина смртни случаи – смета Трајковски. 

Според него, намалувањето на бројките ќе биде долготрајно и ќе има уште многу смртни случаи до летото.

– Никогаш не е доцна за акција. Бадијала е сега да се коментираат задоцнетите, бесмислени и штетни реакции од властите – вели Трајковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот