Фото: Dennis Brack / Newscom / Profimedia

Крипто-гениј од Белата куќа: 19-годишниот Барон Трамп веќе има 150 милиони долари

Најмладиот син на Доналд Трамп, Барон, денес важи за вистински крипто-вундеркинд – и тоа уште пред да наполни 20 години. Додека студира на Њујоршкиот универзитет, неговиот удел во семејната компанија за криптовалути веќе вреди околу 150 милиони долари, пренесе Forbes.

Барон, висок речиси два метра, ретко се појавува во јавноста. Во јануари годинава, на еден инаугурациски настан, неговиот татко се пошегува:

„Имам еден многу висок син по име Барон. Дали некој слушнал за него?“ – а потоа со насмевка додаде дека токму Барон бил тој што му рекол: „Тато, мораш да одиш кај Џо Роган“. Трамп призна дека токму најмладиот син му помогнал да допре до помладата публика, но и дека го вовел во светот на криптовалутите.

Минатата година, заедно со татко му и постарите браќа, Барон ја основал World Liberty Financial, компанија што се занимава со крипто-трансакции и токени. Тоа се случило само неколку недели пред претседателските избори во 2024 година.

По изборната победа на Трамп, вредноста на World Liberty нагло скокнала, а Forbes проценува дека семејството Трамп го зголемило своето богатство за повеќе од 1,5 милијарди долари – од кои околу 10 проценти, односно 150 милиони, припаѓаат токму на Барон.

ВИДЕО | Барон Трамп го украде шоуто на инаугурацијата на Трамп, се ракуваше со Џо Бајден

Роден во 2006 година како син на третата сопруга на Трамп – Меланија – Барон живеел повлечено уште од најраните години. Во 2017 година се преселил во Вашингтон, каде што се школувал во приватно училиште во Мериленд со годишна школарина поголема од 50.000 долари. Според книгата The Art of Her Deal, Меланија во 2018 година го ревидирала предбрачниот договор за да му обезбеди подобри услови на својот син, вклучувајќи и деловна вклученост во семејните компании.

Со почетокот на новата крипто-авантура, компанијата DT Marks Defi LLC, која го држи уделот на семејството во World Liberty, добила 22,5 милијарди токени под името $WLFI. Во замена за користење на брендот Трамп и неговата промоција, семејната компанија добила и 75% од приходите по првите 15 милиони долари заработка. Доналд Трамп поседувал 70% од DT Marks Defi, а преостанатите 30% му припаѓале на семејството – со по 10% удел за Ерик, Доналд Џуниор и Барон.

На почетокот, овие токени немале голема вредност и не можеле да се тргуваат. Но, по изборите, крипто-милијардерот Џастин Сан вложил 75 милиони долари во проектот – по што продажбата буквално експлодирала. До август годинава, World Liberty продал токени вредни 675 милиони долари, а според податоците на Forbes, уделот на Барон по одбивањето на данокот изнесува околу 38 милиони долари.

Во март World Liberty го лансираше и својот стејблкоин USD1, врзан за американскиот долар. Вкупната пазарна вредност на оваа валута изнесува околу 2,6 милијарди долари, а семејната фирма на Трампови поседува 38% од проектот – што значи дека уделот на Барон вреди приближно 34 милиони долари.

Во август компанијата потпиша нов договор со Alt5 Sigma, јавна здравствена фирма што сакаше да стане крипто-трезор. Како дел од зделката, Alt5 замени 750 милиони долари вредност на токени $WLFI за свои акции и опции, а преку новоприбраните средства купи 717 милиони долари токени од World Liberty Financial, од кои повеќе од 500 милиони завршија кај компанијата на Трамп. Барон, според проценките, од оваа зделка заработил околу 41 милион долари по плаќањето даноци.

Дополнително, Барон поседува и 2,25 милијарди World Liberty токени – 10% од првичните 22,5 милијарди. Дел од нив неодамна беа „отклучени“, што значи дека наскоро би можеле да се тргуваат. На пазарот моментално се движат по цена од околу 20 центи по парче, па според проценките, уделот на Барон денес вреди околу 45 милиони долари.

Собрано заедно, неговото богатство надминува 150 милиони долари – импресивен износ за студент на втора година. Со тие пари, Барон би можел да ја плати својата школарина на NYU Stern School of Business, која изнесува 67.430 долари годишно, повеќе од 2.200 пати.

На Барон Трамп му e забрането да го сподели телефонскиот број со колегите од колеџот, еве на кој начин се допишува со нив

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот