Криминалците во Европа ги прилагодија измамите за да заработат во време на пандемијата

Фото: EPA/LEX VAN LIESHOUT

Од криумчарење на неквалитетни хирушки маски, преку продажба на лажни лекови и интернет измами, криминалците изнајдоа најразлични начини да ја злоупотребат ситуацијата со пандемијата на коронавирусот ширум Европа и да профитираат на истата, предупредува европската полиција.

Бидејќи милиони луѓе се во карантин во своите домови, а границите се затворени, полициските челници велат дека на криминалците им е тешко да „заработат“ преку нивните традиционални активности како кражби, грабежи или шверц на дрога.

Затоа го искористуваат стравот на луѓето од пандемијата на Ковид-19 за да им продаваат заштитна опрема со сомнителен квалитет или на измама да им извлечат пари преку интернет, констатира „Еуропол“.

„Криминалците ги интересира само една работа: како да заработат повеќе пари“, рече директорката на „Еуропол“, Катрин Де Бол и додаде: „затоа ја искористуваат пандемијата и го менуваат начинот на работа.

Полицијата ширум светот заплени 34.000 лажни хирушки маски во голема опрација против „корона-криминалците“ во текот на овој месец, објави „Еуропол“ во својот извештај.

– Криминалците брзо ги прилагодуваат добро познатите шеми на измама за да заработат на туѓата несреќа и стравот на жртвите за време на кризата – се додава во извештајот.

Помалку разбојништва и кражби

Во многу европски земји полицијата забележала драматичен пад на вообичаено криминално однесување.

Од шпанската полиција велат дека има речиси 50 отсто помалку прекршоци во споредба со минатата година, откако скоро цела земја е во карантин.

– Мерките за затворање недвосмислено ги отежнуваат криминалните активности – рече заменик-директорот на шпанската полиција Лаурентино Цена.

И Шведска забележа пад на бројот на разбојништва и кражби откако од граѓаните е побарано да работат од дома.

Уличната продажба на дрога исто така е во голем пад во многу земји. Растат, меѓутоа, облиците на кривични дела во кои се настојува да се заработи на пандемијата.

Шефот на австриското МВР Карл Нехмаер рече дека во претходната недела е забележлив падот на разбојништва и кражби, но во исто време сајбер-криминалот е во пораст.

Интернет измамите експлодираа ширум Европа

Светската здравствена организација (СЗО), која е на чело на борбата против пандемијата, предупреди на значаен раст на лажни пораки преку меил и измами чија цел е да се украдат пари и чувствителни информации.

Британска агенција за борба проитв криминалот наведува дека на криминалците цел им се луѓето кои сакаат да купат медицински резерви на интернет, па им испраќаат меилови во кои нудат лажна медицинска помош, и ги мамат оние кои се ранливи и изолирани дома.

И во Германија сајбер-криминалците ја искористуваат моменталната загриженост на луѓето поради Ковид-19 и испраќаат лажни уценувачки мејлови или го користат стравот на жителите во намера да ги измамат, тврди германската полиција.

Во Италија, која најтешко е погодена од вирусот во Европа, во пораст се стравувањата дека малите претприемачи поради недостаток на пари, во обид да се најде решение, би можеле да се свртат кон мафијата.

Данската влада вети високи казни за луѓето кои крадат средства за дезинфекција и измамници кои се претставуваат како здравствени работници. Полицијата ги предупреди и разбојниците со заштитни маски кои тврдат дека спроведуваат тестирања за коронавирус за луѓето да влезат во нивните домови и потоа да ги ограбат. Тука се најзагрозени постарите лица.

Расте и заканата од сексуални предатори на интернет, чија цел се младите лица кои сега поминуваат повеќе време пред екраните, предупредуваат официјалните лица.

– Имавме дојави за интернет-страни на кои предатори расправаат како може да се искористи моменталната ситуација – рече Ана Карин Хилдингсон Боквист, челничка на здружение за правата на децата ЕЦПАТ во Шведска.

Додека семејствата се затворени во своите домови, исто така се стравува и од пораст од семејно насилство.

– Дел од француските полициски станици забележале раст на такви пријави за повеќе од 30 отсто, откако земјата е во карантин од 17 март – рече министерот за внатрешни работи на оваа земја, Кристоф Кастанер.

Пандемијата на коронавирусот предизвика и пораст на асоцијално однесување

-Пандемијата може да го извлече на површина најлошото од луѓето – предупреди британскиот Национален совет на полициски шефови, наведувајќи како пример кражба на боца со кислород во Манчестер.

Полицијата во Британија и Австрија неодамна уапси лица кои кашлале и кивале кон и врз други луѓе, и притоа тврделе дека се заразени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот