Кредитите од странство ги набилдаа девизните резерви

По објавената вест на Народната банка дека износот на девизните резерви во јуни (до 17 јуни) е зголемен за 600 милиони евра, во јавноста се поставија многу прашалници од каде на сметката во Народната банка дојдоа толку пари. Сега на нејзината сметка има околу 3,6 милијарди евра.

Од Народната банка објаснуваат дека девизните средства на државата, вклучително и средствата добиени врз основа на задолжување или донации од странство, се чуваат на сметки во Народната банка и во согласност со меѓународните стандарди претставуваат дел од девизните резерви.

Како што е познато, Министерството за финансии на крајот од мај информираше дека е издадена еврообврзница од 700 милиони евра, што значи дека и тие пари влегле во јунското зголемување на девизните резерви. Но, секако, во девизните резерви парите само не се таложат, туку и се користат.

– Како дел од девизните резерви, овие средства (задолжување или донации од странство, н.з.) претставуваат дополнителна поддршка за носителите на монетарната политика во одржување на стабилноста во економијата. Секако, државата слободно располага со овие средства и во зависност од потребите за финансирање, како и досега, тие може да се користат за отплата на долг кон странство што достасува во следниот период, други редовни плаќања на државата кон странство, како и за финансирање на буџетските расходи во домашната економија во домашна валута – велат од Народната банка.

Оттаму објаснуваат и на кој начин ќе се претворат девизите во денари, кои ќе се користат за буџетска поддршка.

 Конверзијата на девизите во домашна валута, државата не може да ја направи во менувачниците, бидејќи тие работат исклучиво со физички лица. Конверзијата се прави врз основа на писмени барања доставени од државата до Народната банка, која ги откупува овие девизи, а денарската противвредност се пренесува на трезорската сметка на државата. Притоа, нивото на девизните резерви останува непроменето (бидејќи државата ѝ ги продава девизите на Народната банка) и самата трансакција не значи „печатење пари“ – објаснија од Народната банка.

Според податоците на Народната банка, на крајот на мај 2020 година официјалните девизни резерви изнесувале околу 3 милијарди евра и во однос на претходниот месец бележат намалување за 80,5 милиони евра. Најголем дел од девизните резерви тогаш биле пласирани во хартии од вредност (78,4 проценти), по што следуваат монетарното злато (11,2 отсто) и валутите и депозитите (10,4 отсто).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот