Ковачевски: Ќе работам ден и ноќ да ги исполнам очекувањата на мнозинството граѓани да имаме европска Македонија

Митинг на СДСМ и Стево Пендаровски во Аеродром / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Ве гледам во толку голем број вечерва и среќен сум, затоа што знам колку силно верувате во нашата заедничка визија за европска Македонија. Не само визија, ние имаме конкретен план, имаме волја и знаење, заедно со нашиот претседател Стево Пендаровски, заедно со Коалицијата за европска иднина, како да ја внесеме државата во ЕУ до 2030 година, изјави  вечерва претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на митинг на претседателот Стево Пендаровски во општина Аеродром.

Ковчаевски истакна дека прашањето на претседателските и на парламентарните избори е кој има план за иднината, а кој нема план и нема визија, со кого е можен напредок и членство во ЕУ, а со кого е можно само враќање назад во минатото? Според Ковачевски, тоа изборот пред граѓаните.

Тој додаде дека со СДСМ има надеж за подобра европска иднина додека со ВМРО-ДПМНЕ има безнадежност и враќање назад во изолација.

– Ние работевме во услови на најголема економска и енергетска криза. И никого не оставивме сам. Силно ги поддржавме граѓаните и компаниите во време на криза со 2,6 милијарди евра. Ги зголемивме платите и пензиите на историски највисоко ниво досега. Но, јас знам дека е тешко, дека граѓаните уште се борат со високите цени, со секојдневието. Затоа во новата програма, во новиот мандат гарантираме дека просечната плата ќе достигне до 1.100 евра, а минималната плата 600 евра – потенцираше Ковачевски.

Тој посочи дека просечната пензија ќе биде 30.000 денари, а минималната пензија 20.000 денари.

– Единствено влезот во ЕУ е гаранција за европски животен стандард. Ќе работам ден и ноќ да ги исполнам очекувањата на мнозинството граѓани да имаме европска Македонија, со европски економски стандард. Ден и ноќ за подобро образование, подобро здравство, подобро владеење на правото, со помалку корупција, односно држава по европски стандарди како што ја сакаат и како што ја заслужуваат граѓаните – рече претседателот на СДСМ.

Тој додаде дека овие денови целата јавност видела дека ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, дека тоа е истата партија од минатото.

– Со нив не е можна никаква позитивна промена. Тоа го видовме и во Скопје и во Аеродром, тоа го гледаме насекаде. Градот Скопје и општините под капата на ВМРО-ДПМНЕ наместо да се развиваат, стагнираат. Ѓубрето не можат да го исчистат, а не проекти да реализираат. Но, видоа граѓаните и нешто друго. Како се врши притисок, се заплашуваат и се апсат новинари, каква е спрегата меѓу државните институции, националниот сервис и ДПМНЕ и како се пласираат лажни анкети и лажни вести од еден центар. Исто како во времето на Никола Груевски – потенцираше Ковачевски.

Димитар Ковачевски во Аеродром / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Во време на СДСМ никогаш се нема случено да биде уапсен новинар, додаде тој.

– Иако предупредував во неколку наврати, ретко кој сакаше да верува. Но, сега е јасно како ден. Во време на СДСМ никогаш се нема случено да биде уапсен новинар. Напротив, ние ја вративме слободата и демократијата и постојано ја унапредувавме. Затоа во 2023 година Македонија се искачи на 38. место на индексот на Репортери без граници за слобода на медиуми, во споредба со периодот на ДПМНЕ кога беше на 123. место – истакна Ковачевски.

Тој рече дека со ДПМНЕ е можно само враќање назад во изолација и во темно минато, многу далеку од Европа и дека „тоа може заедно да го спречиме, со глас за членство во ЕУ, за слобода и демократија со Коалицијата за европска иднина и глас за Стево Пендаровски“.

Ковачевски рече дека Пендаровски е политичар со прогресивни идеи и верба во европската иднина.

– Ги слушам мегафоните на ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто ме немало на митнизите на Стево. Не можеле да разберат дека Стево е граѓански кандидат, поддржан од граѓани, партии, здруженија. Стево не е претседател под контрола на партија, ниту нечија продолжена рака како што е Силјановска. Стево е кандидат на граѓаните! Но, тоа е нивни проблем. Ние имаме план, имаме визија и не се откажуваме од европска иднина – рече Ковачевски.

Тој додаде дека победата ќе почне уште на 24 април на првиот круг од претседателските избори!

– Стево е политичар со прогресивни идеи. Без ниту една грешка во првиот мандат и без ниту една црна дамка! Стево силно верува во европската иднина! Ние имаме јасен план и визија како ќе се развива државата во идните години. Победата почнува со нашиот претседател, Стево Пендаровски! – потенцираше Ковачевски

Тој рече дека за точно еден месец од денеска, на 8 мај СДСМ ќе прогласи нова голема победа за СДСМ и Коалицијата за европска Македонија.

– СДСМ ќе ја формира новата проевропска влада, а Стево Пендаровски повторно ќе биде Претседател! Сите заедно, сплотени и решителни ќе продолжиме цврсто да газиме на патот кон Европската Унија. Европска Македонија ќе биде реалност! Нема откажување од иднината! Да сте живи и здрави! Да живее СДСМ! Да живее европска Македонија! – рече вечерва Ковачевски.

Димитар Ковачевски на митинг во Аеродром / фото: СДСМ

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот