Кори „Коко“ Гоф, најубавата тениска приказна на Вимблдон

Младата американска тинејџерка, Кори Гоф е најголемата сензација на овогодинешното издание на Вимблдон и славата нема да и ја засенат ниту победниците. Младата 15-годишна Гоф со пласманот во четвртото коло успеа за само една недела да испише нови страници како за женскиот така и за машкиот тенис.

Гоф, настапот на Вимблдон го обезбеди преку квалификациите и тоа благодарение на поканата која ја доби да учествува во нив. Таа се погрижи максимално да ја искористи довербата на организаторите и стана најмладата тенисерка во историјата на гран слем турнирите кој преку квалификациите обезбеди настап на главниот турнир. Истовремено, Кори Гоф стана и најмлада тенисерка во женска но и во машка категорија која низ квалификациите дојде до првото коло.

Сепак, ова не е прво појавување на Гоф на големата тениска сцена, нејзиното деби беше на мастерсот во Мајами за кој доби специјална покана и во првото коло успеа да ја победи конкурентката во јуниорска конкуренција, Кетрин Мекнали, но потоа беше елиминирана од Дарија Касаткина, а има и настап во финале на ИТФ турнир каде е поразена од Бугарката Сесил Каратанчева.

Кори Гоф е родена на 13 март 2004 година, а тенискиот рекет за прв пат го фати во седмата година, а веќе на осум години го освои првиот турнир. Таа потекнува од спортско семејство, нејзината  мајка е поранешна атлетичарка додека татко и кој и е тренер, е поранешен кошаркар.

Спонзорите веднаш препознаа дека станува збор за идна голема ѕвезда и веднаш потрчаа да ја ангажираат, засега најпознати спонзори и се „Њу Баланс“ и производителот на тестенини „Барила“ кој е спонзор и на Роже Федерер кој е еден од првите што и честита на Гоф за победата над Венус Вилијамс во првото коло од Вимблдон.

„Ох, еве ја. Ти честитам на фантастичната игра“, беа дел од зборовите на Федерер упатени на шокираната Американка.
„Дали го фативте овој момент на камерата“ праша воодушевенета Гоф на камерманите кои беа зад неа.

Токму агенцијата која ја основа Федерер „Тим 8“ се грижи за кариерата на Гоф. Освен Њу Баланс и Барила, таа игра со рекетите на Хед, исто како и Феререр и веќе оваа година ќе инкасира милион долари од спонзорите.

– Пресреќен сум поради Кори. Таа е скромна и вредна девојка, исто како и нејзиното семејство. Ги следам нејзините натпревари, а со оглед на талентот и работната навика, мислам дека успехот и е загарантиран и ќе биде голема гран слем шампионка – вели Федерер.

По победата над Венус Вилијамс, во второто коло Кори Гоф победи уште една ветеранка Магдалена Рибарикова. Во третото коло, 15-годишната тенисерка покажа дека е идна голема шампионка, успеа да се врати од негатива од 0:1 во сетови и 2:5 во гемови, да спаси две меч топки и на крајот да ја совлада Полона Херцог од Словенија.

Американката поголемиот дел од историјата ја испиша на 13 години кога играше во финалето на јуниорскиот (натпреварување до 18 години) УС Опен, но загуби од четири години постарата Аманда Анисимова.  Но, стана најмлада најдобра светска јуниорка.

Наредната година, како 14-годишна триумфира на јуниорскиот Ролан Гарос и стана втората најмлада тенисерка по Мартина Хингис (12 години) која победила на гран слем турнирот во Париз.

Интересно е што Кори Гоф на две недели од стартот на Вимблдон не знаеше дали ќе настапи. Кога дозна дека ќе игра на најпознатиот тениски турнир, таа со својата мајка беше да купува облека за школската приредба.
Нејзиниот идол очекувано е Серена Вилијамс, а освен што со конституцијата потсетува на големата шампионка, Гоф веќе повремено тренира со Патрик Муратоглу, тренерот на Серена.

– Девојчето е фантастично. Нејзниот татко го обожувам,  а станува збор за фантастично семејство – беа зборовите на Серена Вилијамс кога ја запозна младата тенисерка на тренинзите во академијата на Муратоглу.

По трите големи победи на стартот, самодовербата на Кори „Коко“ Гоф е веќе на високо ниво и не се срами јавно да го каже својот сон.

– Сакам да освојувам гран слем титули и да станам најдобра тенисерка во историјата. МИслам дека тенисот не ми се смени откако играм во сениорска конкуренција, туку се промени мојот став во главата. Мојот начин на размислување го унапреди мојот тенис. Сè уште немам апсолутна доверба во своите можности но верувам дека можам да победам секого – вели идната голема тениска ѕвезда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот