Конго-кримската треска не е наивна болест: Ќе се врши дезинсекција во местата со заразени крлежи

Доктор Александар Петличковски/ фото: Архива на Слободен печат

Помина кризата за болничарката заразена со конго-кримска хеморагична треска и се очекува нејзино опоравување. Рибарот од Велес кој исто така се зарази со оваа болест е во добра состојба, но има уште неколку критични денови. Сепак, дури и да му се влоши состојбата терапијата е донесена на Инфективната клиника во Скопје и целиот медицински персонал се надева на добар исход. Ова го изјави претседателот на Комисијата за заразни болести доктор Александар Петличковски.

Третиот случај на конго-кримска хеморагична треска во Македонија за неполн месец не ги вознемирува здравствените власти. Болеста воопшто не е наивна, но епидемиолозите апелираат да не се крева паника, туку да се почитуваат мерки за заштита од болеста која се пренесува со убод од крлеж, или преку крв и секрет од заразено лице врз друго лице.

Досега 22 луѓе се ставени под здравствен надзор. Болничарката од Инфективната клиника која се зарази со конго-кримска хеморагична треска е во стабилна состојба, исто како и 42-годишниот велешанец кој се заразил по убод од крлеж додека рибарел. Се препорачува луѓето кои се движат во природа или во близина на добиток да носат светла облека која ќе го прекрива целиот дел од телото, а крлежите да не ги отстрануваат самите, туку на лекар.

-Нема место за паника, ниту е потребна, ниту е продуктивна. Болеста е ендемска, вирусот е присутен на нашето поднебје што е потврдено со неколку научни истражувања на Факултетот за ветеринарство. Можеме да делуваме на превентивни мерки, убаво да се информира населението и здравствените работници на кој начин се добива болеста и да се размислува за неа кога има сомнителни случаи и тие брзо да се испратат до Инфективната клиника. Тестови за болеста имаме доволно, нарачани се и дополнителни количини и се очекува да пристигнат. Терапијата што има некаков ефект е достапна, така што колку што може да е спремна една држава за ваква болест, спремни сме – рече претседателот на Комисијата за заразни болести,  Петличковски.

Комисијата за заразни болести од Владата побара да донесе акциски план во кој ќе се направи проценка на присутноста на оваа болест, односно колку често овие крлежи ги има во различните региони. Каде што ќе бидат детектирани, се планира да се направи дезинсекција која што е клучната превентивна мерка за намалување на ризикот од појава на болест.

Конго-кримската хеморагична треска не се пренесува лесно, туку исклучиво со каснување од крлеж кој е заразен со вирусот. Споре Петличковски, во летните месеци има голем број крлежи и глобалното затоплување придонесува за нивно поинтензивна активност, но не секој крлеж е заразен со вирус.

-Кога риболовците, ловците, сточарите ќе излегуваат, да бидат позаштитени. Здравствените работници се другата голема група изложена на ризик, заради контакт со крвта, а знаеме дека оваа болест е поврзана со крварења – додаде доктор Петличковски.

Тој истакна дека во наредните недели ќе се заловуваат крлежи, ќе се собере репрезентативен број на крлежи и ќе се испита дали се заразени во некои подрачја. Таму каде што се заразени, ќе се врши нивно превентивно уништување.

Петличковски е дециден дека има различни видови на конго-кримска хеморагична треска.

-Од оние кои ќе се разболат, значаен процент може да завршат со фатален исход, но има различни видови на вирусот, односно различни генотипови на вирусот. Некои од нив се поврзани со висока смртност, некои со ниска. За волја на вистината, стоката, животните во Македонија се изложени на вирусот постојано. Над 30 проценти од стоката била во контакт со вирусот, односно го прележала.

Меѓутоа немаме информации за хоспитализирани случаи предизвикани од овој вирус, што значи дека можно е да циркулира поблага варијанта, па луѓето воопшто да не стигнуваат до болница. Затоа ќе направиме и типизирање на варијантите на вирусот кои циркулираат за да знаеме колку е опасна ситуацијата – додаде Петличковски.

Според одговорот што го доби  „Слободен печат“ од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, досега нема нов случај од оние кои се под здравствен надзор.

„Во моментот под здравствен надзор се 22 лица. Од нив 11 се контакти на вториот случај од Скопје заболен со конго-кримска хеморагична треска. Десетмина се членови на семејството, а еден е здравствен работник. Кај третиот случај, пациентот од Велес заболен со конго-кримска хеморагична треска, исто така се ставени под здравствен надзор 11 контакти од кои четворица од семејството и 7 здравствени работници“, велат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Директорот на Центар за јавно здравје Скопје, Бесим Зекири во изјава за „Слободен печат“ објаснува дека сите мерки се преземаат од страна на епидемиолозите во службата.

-Во моментот кога од вирусолошката лабораторија при Институтот за јавно здравје ќе не известат дека е изолиран причинителот, ние веднаш реагираме. Нашите епидемиолози од Центарот за јавно здравје ги следат контактите на лицето. Секој ден докторите им се јавуваат на лицата кои се под здравствен надзор за да проверат дали развиле симптоми, дали имаат покачена телесна температура.

Во моментот кога пациентот ќе покаже симптоми, се прима на Инфективната клиника каде што се испитува и ако е позитивен се хоспитализира, а ако не е, се пушта дома. Тоа е улогата на епидемиологот. Исто така, вршиме и третман на крлежи во рамките на нашата служба за дезинфекција, дезинсекција и дератизација – изјави директорот Зекири.

Поранешниот директор на ЦЈЗ Скопје, доктор Александар Стојанов кој е епидемиолог, вели дека летно време граѓаните во природа треба да се заштитат со соодветна облека.

-Логично е граѓаните во наредните месец или два, да ги запазат мерките. Потоа ќе залади и ќе почнат респираторните вируси и ова повеќе нема да биде проблем. Вирусот е ендемски на нашата територија и не се пренесува лесно, но лошото е во тоа што има висока смртност – додаде доктор Стојанов.

Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 14 дена.

Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модрици, како и крварење од носот. Закрепнувањето е бавно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот