Конференција на ЦИВИЛ: Македонија во ЕУ, предизвици и перспективи

Ана Чупеска на Конференцијата на Цивил/Фото: ЦИВИЛ

Повеќе професори и експерти дебатираа на конференцијата организирана од ЦИВИЛ „#МКвоЕУ: Предизвици и перспективи“.

За аспектите од уставните промени кои треба да го откочат евроинтеграцискиот процес зборуваше професорката Ана Чупеска.

„Најпожелно е да се откочат преговорите со ЕУ, а за тоа да се случи мора да се усвојат уставните измени, знаеме сите. Како би можеле да го отвориме Поглавје 23 и да ги завршиме, во смисла да ги испреговараме темелите со ЕУ“ рече професорката Ана Чупеска на конференцијата „#МКвоЕУ: Предизвици и перспективи“ организирана од Цивил.

Таа додаде дека во кластерот Темели се сите работи кои се потребни за правата на припадниците на заедниците, врзани со Копенхашките критериуми, што експлицитно се наведени во преговарачката рамка.

„Мора да се следат јасно укажаните насоки дополнително адресирани во смисла на човекови права и слободи од преговарачката рамка и тука еден детаљ е многу битен од неа, а тоа е акцискиот план за националното малцинство односно за правата на припадниците на граѓаните кои припаѓаат на различните заедници, тој веќе е изготвен со меѓународна и наша експертиза и се темели на основните принципи, препораки кои што се содржани во рамковната конвенција од советодавното комитет на рамковната конвенција за малцински права при советот на Европа од препораките упатени од ЕКРИ како и прогрес репортите, значи тоа се трите релевантни документи, референтни врз основа на кој е изготвен овој акциски план“ рече Чупеска.

Професорката додаде дека исто така треба да се имплементираат сите национални стратешки документи врзани за рамноправноста, човековите права и слободи во смисла на интеграција, имплементација на стратегијата за интеркултурализам, за Ромите, антидискриминација итн.

Чупеска додаде дека тоа е фундаментален минимум што треба да се направи, но изрази загриженост дека политичките субјекти ќе ги занемарат овие суштински работи кои ни претстојат, како што има проблем со усвојувањето на уставните измени.

Професорот Сефер Тахири на конференцијата се осврна на јавниот радиодифузен сервис за кој рече дека е не е балансиран туку повеќе е во служба на опозицијата.

„Ние имаме јавен радиодифузен сервис кој што, за жал, не е балансиран и како некој модел кој што, пак велам, дека е парадоксален, уникатен, тој е ставен, меѓу другото, во служба повеќе на опозицијата, а мислам дека треба да биде балансиран јавниот сервис“ рече професорот Сефер Тахири на конференцијата „#МКвоЕУ: Предизвици и перспективи“ организирана од Цивил.

Тој додаде дека објавувањето на резултатите од анкетите на ИПИС покажува во каква состојба е јавниот сервис.

„Значи, ние имаме одговори од јавниот сервис во кој што директорот вели дека анкетата е реализирана од две истражувачки институции. Излегува едниот од тие што е прозван, Петар Арсовски, кој што вели не сум вклучен во изготвувањето на анкетата“ рече Тахири.

Професорот додаде дека јавниот сервис не е во можност ниту да каже како е дојдено до резултатите од анкетата.

Професорката Катерина Колозова се осврна на образованието, економијата и технолошките иновации кои треба да донесат напредок на државата.

„Кластер 3 насловен „Инкузивен раст“ ја засега економијата и со тој кластер ЕУ ни кажува дека бара иманентно врзување на образованието со индустријата односно и тој високото образование, бара истражувачки универзитети, нивно директно поврзување со економијата и економскиот раст“ рече професорката Катерина Колозова на конференцијата „#МКвоЕУ: Предизвици и перспективи“ организирана од Цивил.

Таа додаде дека и претседателката на Европската комисија кажа дека нејзина геостратешка острица е економија базирана на технолошка, научна и друга иновација, во смисла на напредок за трка со Кина и САД.

„Ако сте економски компетитивни, за тоа што имате технологија со која што никој не може да се трка станувате планетарно компетитивни, е така редефинираната Европа бара ние во Западен Балкан да се редефинираме и фондот што го додели за сите нас во ноември 2020 година преку ИПАРД 3 е токму да се престроиме на ова патека на развој и според овој концепт на развој“ рече Колозова.

Професорката додаде дека во регионот никој тоа се уште не го прави, но било која идна влада треба да ги развива политиките во тој правец.

Александар Новаковски кој претседаваше со работната група за реформи во изборното законодавство на конференцијата „#МКвоЕУ: Предизвици и перспективи“ смета дека државата треба да создаде услови за фер и демократски избори и тоа никој не може да го негира.

„Државата создаде услови за едни фер и демократски избори тоа неспорно и тоа не може никој да го негира, можеби како никогаш до сега, гледаме дека сите можат да ги искажат своите кампањи и своите мислења и своите ставови и кој прати повеќе и ТВ и медиуми значи нема никаква ограничување во однос на искажување на своите ставови“ рече Александар Новаковски и додаде дека изборите ќе бидат демократски, но додаде дека можно е излезеноста на изборите да биде слаба.

Во врска со изборниот молк во вторник, ден пред претседателските избори, кој ќе важи само за нив, но не и за парламентарните избори, Новаковски рече дека тоа е небулоза.

„Сите држави се борат за цензусот, за зголемување на цензусот ради легитимитет на изборниот процес и на органите кои се бираат. За жал не дојдовме до таа фаза да може да биде гласањето и преку пошта, барем како прв чекор ако не сме спремни за електронско гласање, но и тоа не го отвори никој и затоа еве гледаме и од Дијаспората како е мала излезеноста и колку се пријавени“ рече Новаковски.

Националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи Марјан Забрчанец истакна дека Отворен Балкан и Берлинскиот процес се комплементарни и ги подготвуваат земјите за членство во ЕУ.

„Отворен Балкан и Берлинскиот процес, морам да потенцирам дека се се комплементарни меѓу себе, пред се според своите цели, имаат дури и слични проекти. Еден проект започнал во една иницијатива, бил преземен во друга и реализиран до крај и обратно, црпени искуства и се надополнувале тие две иницијативи и најважното можеби што и во едната и во другата три држави се идентични“ рече Забрчанец.

Националниот координатор на Отворен Балкан Марјан Забрчанец на конференцијата на Цивил/Фото: ЦИВИЛ

Тој додаде дека тоа се истата Македонија, истата Србија и истата Албанија кои учествуваат и во Отворен Балкан и во Берлинскиот процес и затоа ги отфрла злонамерните шпекулации дека Отворен Балкан требало да биде алтернатива на Берлинскиот процес или алтернатива на ЕУ.

„И двете иницијативи ја подготвуваат земјава и го подготвуваат регионот за членство во ЕУ. Ако Берлински ни донесе соработка меѓу младите преку RYCO, Отворен Балкан ни донесе зелени ленти на граничните премини побрзо да поминуваат транспортерите и бизнисот подобро да оди во трите држави. Ако Берлински ни донесе поевтин роаминг, Отворен Балкан ни донесе бесконтактни електронски наплати на патарините за побрз проток на возилата. Ако Берлински донесе признавање на дипломи и квалификација, Отворен Балкан донесе остварување на работните дозволи како услов за поголема мобилност на пазарот на трудот“ потенцираше Забрчанец.

Тој додаде дека не може да има премногу слобода и премногу регионална соработка, но напуштањето на регионалните иницијативи нема да донесе ништо ново освен нови ѕидови, нетрпеливост, жешки националистички страсти и наративи, но и намалување на економската активност меѓу државите.

Директорот на ЦИВИЛ Џабир Дерала говореше за руското влијание во Македонија во политиката и во медиумите, а со тоа и кај граѓаните.

„Македонските олигарси имаат блиски врски со Русија, со оглед на нивното значајно влијание во политиката и сопственоста на најголемиот дел од мејнстрим медиумите во земјата, руските кампањи за дезианформација имаат несмален и непречен пристап до македонскиот јавен дискурс и имаат способност да го обликуваат јавното мислење, како, според интересите на Кремљ се разбира“ рече Џабир Дерала од Цивил.

Тој додаде дека против земјава исто така се води и сајбер и информациска војна, од моментот на почетокот на граѓанското движење за демократизација, почнувајќи од 2013 година.

„Од 2013 година кога видовме олимписки изборни кругови на локалните избори во Скопје да потсетам, завршувајќи со Шарената револуција на која и претходеа и бомбите од прислушуваните разговори и проектот ‘Вистината за Македонија’“ рече Дерала.

Тој додаде дека мора да се случи демаскирање на влијанието на Русија во земјава и дека треба подиректно да се отворат картите за тоа како Русија влијае во граѓанскиот сектор во земјата.

„Проруските граѓански организации често се вклучуваат во активности кои ги поткупуваат западно ориентираните политики и ги засилуваат алтернативните гледишта за прашања како што се членството во НАТО и интеграцијата во ЕУ. Бидејќи овие граѓански оорганизации се често корисници на западните грантови, нивните активности се би рекле индиректни насочени кон критикување на владините политики или прикривање на нивните националистички ставови и ставови со балансирано известување за антируски наративи па се до она што го видовме неодамна и каде што имаше неколку значајни анализи направено во земјава – негирање на рускиот упад во земјата“ рече Дерала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот