Комуналците ги тргнаа контејнерите од улица Дренак, жителите „за инает“ направија депонија

Фото: Слободен печат/Наташа Смилеска

Граѓаните што живеат на Дренак се вознемирени што сега ѓубрето треба да го носат до соседната улица, што не е блиску, па некои во знак на револт отпадот го фрлаат на тротоарот каде претходно стоеле контејнерите и сега на локацијата веќе е направена мини депонија.

Граѓаните кои живеат на улицата Дренак во општина Кисела Вода се револтирани затоа што од неодамна се тргнати контејнерите за комунален отпад од нивната улица. Како што велат, сега ѓубрето мораат да го носат до соседната улица Антон Попов, каде се поставени четири садови за отпад, што според нив и досега не ги задоволуваа потребите на жителите од тамошните згради, а сега тука треба да завршува и отпадот од сите семејства од улица Дренак.

Ни поставија соопштениja на влезовите и ги однесоа контејнерите. На известувањата немаше ни кој донел таква одлука, ниту зошто. Не знаеме дали некој барал или не, важно ние сега треба со ќесите со ѓубре да одиме дури до другата улица, што не е баш блиску. Контејнерите на нашата улица претходно беа поставени пред еден објект што моментално е во изградба. Па претпоставуваме дека инвеститорот барал да се тргнат. Ама не може еден да одлучува во име на сите жители – објаснува жителка на оваа улица која реагираше во „Слободен печат“.

За да биде проблемот уште поголем, како што вели нашата соговорничка, веројатно во знак на револт поради тргањето на контејнерите, сега некои од граѓаните ѓубрето го фрлаат на тротоарот каде претходно стоеле садовите за отпад, па на локацијата веќе е направена мини депонија.

Фото: Слободен печат/Наташа Смилеска

 Ужасно е, смрди, валкано е. Кучиња и мачки го разнесуваат ѓубрето по целата улица. Сега јас не ги разбирам ни овие луѓе. Не може така да се однесуваме. И сега кој очекуваат ова да го исчисти? Навистина е голем проблем што немаме веќе контејнери на улицата, ама што ќе постигнеме ако ја претвориме во депонија? Бараме „Комунална хигиена“, претпоставуваме дека тоа е нивна одлука, да ја исправи грешката и да ги врати контејнерите на улицата – вели нашата соговорничка.

Но, од „Комунална хигиена“ на прашањето зошто се тргнати контејнерите и дали е ова само привремето решение, тврдат дека тоа е направено на барање на граѓаните кои живеат на оваа улица.

Контејнерите се дислоцирани по барање на жителите од улицата Дренак, во координација со Градот Скопје и Општина Кисела Вода. Садовите се трајно дислоцирани. Доколку некои жители сметаат дека дислоцирањето ќе претставува проблем, нека се обратат во Општина Кисела Вода и во Град Скопје – објаснуваат од јавното претпријатие.

Како што дознаваме, утрово екипи на „Комунална хигиена“ го исчистиле просторот каде до неодамна стоеја контејнерите, а потоа граѓаните направија депонија со отпад.

Сепак, тоа не го решава проблемот доколку не се вратат садовите за ѓубре на улицата Дренак, бидејќи лошите навики брзо се стекнуваат, а тешко се забораваат – па за ден или два на местото ќе никнат нови купишта со ѓубре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот