Комисија на Влада кажа да не се уриваат вилите на „Радика“

дивоградби маврово леуново
Дивоградби во Маврово/ Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Второстепената комисија на Владата за инспекциски надзор го поништи решението за уривање на девет вили на комплексот во Леуново „Радика“, кое го донел општинскиот инспектор и ја уважила жалбата поднесена од инвеститорот, Радика Ресорт. Комисијата утврдила повреда на постапката на овластениот градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше, кој пред неколку месеци му наложи на инвеститорот сам да отстрани девет типски луксузни вили на „Радика Ресорт“.

Вилите, кои се дел од поголем комплекс од дури 87 типски објекти што се градат на земјиште што Општината Маврово Ростуше му го има продадено на сопственикот на хотелот „Радика Ресорт“ во мавровското село Леуново, се во фаза на изградба, а инвеститорот немал прибавено одобрение за градба. Сепак, Второстепената комисија оценила дека општинскиот градежен инспектор нецелосно ја утврдил фактичка состојба и му го врати на повторно одлучување.

Откако медиумите го обелоденија случајот со вилите на „Радика“, Општината Маврово Ростуше, соочена со притисок на јавноста, на почетокот на октомври му даде рок на инвеститорот рок од 15 дена да ги отстрани градбите, 9 типски објекти изградени во армирано-бетонски скелетен систем. Истовремено, локалното население, соочено со недостиг на вода за пиење, почна да протестира против изградбата на комплексот покрај хотелот „Радика“, поради страв дека расположливиот капацитет на локалните водоводи нема да може да го издржи притисокот на толкав број нови објекти.

Според наодите на новинарското истражување на ИРЛ, инвеститор и сопственик на „Радика Ресорт“, е косовскиот бизнисмен Шериф Рамука, кој е газда на градежната компанија „Алба Груп“ од Косово. Во записникот на Надлежниот градежен инспектор кој на 15 септември бил на увид на градилиштето во документот пишува дека од разговорот со претставници на инвеститорот било кажано дека градежните активности продолжиле и без прибавено одобрение затоа што инвеститорот на 2 јули 2021 година има платено комуналии за 22 објекти во вредност од 56.188 евра па поради тоа сметал дека може да гради.

Тој, имено бил запознаен со постоечката пракса, која ја следат и други лица кои градат објекти во Маврово, а тоа е да почнат со градба веднаш откако ќе поднесат барање за одобрение за градба, бидејќи одобрението ќе може да го обезбеди во најкус можен рок. Дека е таква пракса постои, за „Слободен печат“ го потврди и тогашниот градоначалник, а сега актуелен повереник на Владата за Општина Маврово Ростуше, Медат Куртовски.

Куртовски и службите во Општина Маврово Ростуше повеќе од еден месец молчат и не одговараат на прашањата кои „Слободен печат“ ги постави во врска со овој случај. Молчат и на прашањето како е можно општината да ја забошотува законската обврска за сите детални урбанистички планови, кои ги усвојува, да бара одобрение од Министерството за животна средина и просторно планирање, со оглед дека територијата на Општина Маврово Ростуше во голема мерка се простира на земјиштето на Националниот Парк Маврово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот