Колку ќе платиме за донаторите и за пријателите на Данела?

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Тоа со компаниите донатори или спонзори, чие име не се спомнува, е навистина необична работа, особено кога низ годините сме сведочеле дека сите што донираат, сакаат да бидат сликани, да даваат изјави. Да се знае што направиле.

Колку е убаво што сегашната градоначалничка се грижи за двајца од нејзините противкандидати на локалните избори за прв човек на Скопје, кои не добија мандат! Фина тројка пријатели, мислам стварно. Фирмата на Камиказа „КЛС“ била ангажирана за озвучување на новогодишната прослава на централниот плоштад, а Бени „Нон стоп“ во последен момент беше уфрлен на списокот изведувачи. Си доби еден час свирка.

И тоа не е спорно. Двајцата си се професионалци во својата работа. Спорно е кој и како ги избрал токму нив, кој и како ги платил и дали со нивниот ангажман и со ангажманот на другите изведувачи се чепнала градската каса. Од Град Скопје велат не, целата прослава ја организирале општествено одговорни компании и нема никакви импликации врз буџетот. Но, кои се тие компании – е тоа е добро чувана тајна. Зошто?

Тоа со компаниите донатори или спонзори, чие име не се спомнува, е навистина необична работа, особено кога низ годините сме сведочеле дека сите што донираат сакаат да бидат сликани, да даваат изјави. Да се знае што направиле. Овие некои скромни, а притоа општествено одговорни. Интересно.

Градоначалничката Данела Арсовска и Град Скопје не ги кажуваат имињата на компаниите, освен дека се три фирми, ниту објаснува што содржат договорите со нив (ако ги има). Но, Советот на Град Скопје нема донесено одлука за прифаќање донација – тоа е процедура што мора да се спроведе. А на објавата (плакатот) за новогодишна прослава на плоштад стоеше логото на Град Скопје. Што значи тоа, тие само си се потпишале, а прославата во нивно име некој друг ја организирал? Е, кај го има тоа? Според кој правилник, закон, процедура, според кое пишано правило вакво нешто е дозволено? Можеби постои договор за спонзорство?

Тоа бесплатното излезе и дека не било баш до толку бесплатно. Перо Камиказа на Фејсбук спомена сума од 14.000 евра (помалку било од она што ексградоначалникот го планирал). Тој вели: „14.000 евра наспрема 165.000 на Шилегов за организација и озвучување!“

Пред две години ни Петре Шилегов не сакаше да го открие името на донаторите што го донесоа Дино Мерлин да пее на плоштад за новогодишната прослава. До ден-денес не се разбра кои биле тие. Од Град Скопје тврдат дека за таа намена во 2019 година биле потрошени „над 154.000 евра средства од градскиот буџет под сомнителни околности“. Сега веројатно ќе чекаме да помине мандатот на сегашното раководство за да се дознае што се случувало оваа година.

Арсовска во предизборната кампања тврдеше дека ќе биде поразлична од нејзиниот претходник, дека ќе работи за граѓаните одговорно, домаќински и транспарентно. Нејзината постапка во овој случај не се разликува од таа на Шилегов. Толку од транспарентноста!

Граѓаните заслужуваат да знаат што се случува, да добијат одговори на сите прашања поврзани со новогодишната прослава. За да нема никакви сомневања во нејзиното тврдење дека го прави најдоброто за Скопје.

Патем, на кејот на Вардар и низ Градскиот парк преку ноќ никнаа оние грди пластични монтажни ќенефи. Ете, Данела му ја исполни желбата на Камиказа, па велосипедистите ќе има каде да се „олеснат“ додека рекреираат. И тие ли се донација? Затоа што градската власт не ги спомена ниту со еден збор. Кога се набавени, за колку пари, со јавен оглас ли, колку ги има? И кој ќе се грижи за нивното одржување и за хигиената? Еден од нив веќе заврши во Вардар, а друг беше превртен во паркот.

Одговори, одговори, одговори… тоа им е потребно на скопјани. И мора да ги добијат. Оти раководењето со градот не е раководење со татковото гранапче. Тоа подразбира одговорност и отчетност кон сите жители на градот. И кога треба да се одговори на непријатни прашања. Тоа е!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот