Колку е реална идејата македонското општество да стане граѓанско? Граѓанско фали, етничко брани

македонско и албанско знаме
Антивладин протест во Скопје, 17.05.2015 година, Фото: Profimedia

Рамковниот договор е вистинска варијанта за нашиот случај и со нешто што веќе е усогласено и што функционира, не треба да се прават нови експерименти за кои не знаеме точно каде ќе нѐ одведат, смета Владо Поповски, еден од креаторите на Договорот.

Идејата да се бришат правата стекнати врз основа на етничка припадност – процентите, Бадинтеровиот принцип и балансерот – и македонското да стане граѓанско општество, сите ја сметаат за добра, но никој не верува дека таа ќе стане реалност, барем не во догледна иднина.

Има експерти што сметаат дека треба да се напушти етничкото и да се премине кон граѓанско општество, но има и такви што предупредуваат дека со нешто што веќе е усогласено и што функционира, не треба да се прават нови експерименти за кои не знаеме точно каде ќе нѐ одведат.

Станува збор главно за придобивките од Охридскиот рамковен договор – таму каде што 20 отсто од населението се Албанци, албанскиот јазик да биде во службена употреба (соодветно и на која било друга етничка заедница), Бадинтеровиот принцип да се користи за да не биде надгласано малцинството од друга етничка заедница и балансерот за да има правична застапеност во институциите. Темата стана актуелна откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предложи да се разговара за укинување на вака стекнатите етнички права.

Политикологот Благојче Атанасовски вели дека отсекогаш сметал дека мора да ја напуштиме етноколективистичката политика за да не завршиме во билингвална федерација, базирана исклучиво на етнички соодносни бројки.

– Тоа ни е фелер наследство од Охридскиот рамковен договор. Да, треба да ги напуштиме етничките бројки, кои одредуваат етнички права и да преминеме од етноколективно во индивидуално-граѓанско општество. Сепак, фрлената ракавица од Мицкоски кон етничките партии на Албанците повеќе ја гледам како „стапица“, бидејќи тие нема да прифатат укинување на Бадинтер и тоа Мицкоски многу добро го знае. Ете, неговиот етноопозициски партнер Зијадин Села веднаш му одговори дека доколку се укине „Бадинтер“, тогаш треба да има дводомен (етнички) парламент, што де факто ќе биде и вовед во етничка федерализација на земјата. Ова се етнички „игри без граници“, кои на крајот ќе завршат со некој договор „на ти го, дај ми го“, без реална и вистинска желба за изградба на граѓанско општество, бидејќи нашите етнички партии најдобро пливаат и егзистираат во длабоката етнополитизација на македонскиот партиско-политички систем – вели Атанасовски.

Професорот и еден од креаторите на Рамковниот договор Владо Поповски смета дека чисто граѓанско општество на Балканот не е можно бидејќи долга е традицијата на национална идентификација и таа датира од 19 век. За балканските прашања, европските сили донеле модел познат како Критски модел. Тие различно отколку своите ги почитуваат реалностите на Балканот, а воведен е и поимот балканизација. Европа се штити од балканизација, а од друга страна националната идентификација ја вградуваат во Уставите.

– Мислам дека Рамковниот договор е вистинска варијанта за нашиот случај за решавање на идентитетските прашања, јазикот, културата, образованието, симболите, личните документи, но и за локалната самоуправа се важни за да се почитуваат колективните права. Кога го даде предлогот, Бадинтер изјави дека тоа мнозинство (Бадинтеровото) не е модел на консензуална демократија, туку еден облик на индивидуално искажување во петте области. Мислам дека тоа е мудра одлука, која досега не создаде проблеми во функционирањето. Ако се наруши тоа, не се знае што може да биде. Од нешто што е усогласено да правите нов експеримент, треба да бидете на ниво на Бадинтер.  Барањето на Алијанса за Албанците и исказите на Мицкоски зборуваат за можно предизборно здружување. Самите предлози не се конструктивни ни за Албанците ни за Македонците. Употребата на македонскиот и на албанскиот јазик е регулирана со Уставот и со Законот за употреба на јазиците во органите  на власта. Тој режим на употреба не треба да се менува. Може да се смени само формулацијата 20 отсто – вели Поповски.

Во Беса сметаат дека, ако темата за уставни измени се претвори во политички пазар, тогаш македонските партии треба да бидат подготвени да отворат теми што би ги унапредиле правата на Албанците на ниво на бинационална држава. Од Алијанса за Албанците, пак, се за друг механизам ако е поефикасен од Бадинтеровиот принцип, ако не, тогаш се за дводомен парламент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот