Книжевни рефлексии: Родовата еднаквост е борба за слободно и рамноправно општество

Дебатата се одржа во Институтот за македонска литература во Скопје

Платформата за креативен дијалог и критичко размислување „Книжевни рефлексии“ ја продолжи својата мисија за поврзување на британската и на македонската книжевност и култура со втората дебата на тема „Родовата нарација во британската книжевност и култура“.

Адресирајќи горливи општествени прашања, како родова еднаквост, слобода на говор, цензурирана книжевност, гласот на маргинализираните, медиумска писменост и друго, на 19 април, во Институтот за македонска литература и во соработка со Британската амбасада во Скопје, се одржа втората дебата од циклусот „Книжевни рефлексии“ на тема „Родовата нарација во британската книжевност и култура“. Авторката и раководителка на проектот Ана Јовковска, вели дека целта на „Книжевни рефлексии“ е преку културна репрезентација, дијалог и едукација да се раздвижи културата на дебата во локалната средина.

Панелисти во дебатата, која ја модерираше Јовковска, беа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон и универзитетските професорки и писателки Ана Мартиноска и Калина Малеска.

– Унапредувањето на родовата еднаквост, спречувањето на родово базираното насилство, промовирањето на правата и слободите на жените не се само вистинските работи што треба да се направат – тоа е политика од која сите имаат придобивки. Тоа неодамна го направивме и со објавувањето на „Меѓународна стратегија за жените и девојките 2023-2030“, која се фокусира на справувањето со родовата нееднаквост низ светот и на спротивставувањето на какво било уназадување на правата и слободите на жените – рече амбасадорот Лосон.

Амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон со учесничките во дебатата

Зборувајќи за примери од британската книжевност, панелистките на дебатата посочуваат на актуелниот општествен миг низ призмата на историските спознанија и искуства.

– Разговорот за родовата нарација мора да започне со потрага по претходничките. Вирџинија Вулф е еднакво значајна и за книжевноста и за феминизмот. Во нејзиниот култен есеј „Сопствена соба“ не само што ги анализира неопходните предуслови за една жена да се занимава со книжевност и тврди дека „жената мора да има пари и сопствена соба за да може да пишува романи“, туку ги отвора и сè уште актуелните прашања за пристапот на жените до образование, машките канони во историјата на книжевноста и немањето традиција на која жените можат да се угледаат, па токму затоа и ги слави првите писателки во англиската книжевност, како Џејн Остин, Џорџ Елиот и сестрите Бронте – рече проф. д-р Ана Мартиноска, која раскажа и анегдота за односот на Вирџинија Вулф кон строгите правила на однесување во Оксфорд, за кои Вулф кажала дека „нема катинар што ќе ја стави под клуч слободата на моите мисли“.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на дебатата ја откри својата омилена англиска писателка, правејќи паралела помеѓу 19 и 21 век.

– Приказната за Франкенштајн е многу повеќе од хорор-приказна. Некои ја нарекуваат и „Химна на отфрлените“, толкувајќи дека тоа човеколико чудовиште, сепак, има потреба за нежност, за љубов, за блискост. И веројатно затоа ќе го поттикнеме прашањето: дали оние што денеска експериментираат со емоциите „вбризгувајќи ги“ во т.н. хуманоидни роботи го прочитале ова ремек-дело на Мери Шели? Дали Франкенштајн од 19 век станува Сајберштајн во 21 век? Премногу сличности за да можат да се игнорираат. Стравувам дека на тенкиот мраз на животот можеме да се најдеме сите на оваа планета. Доволен е само еден вирус и една молња – посочи Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Професорката и писателка Калина Малеска, исто така, има фаворитки меѓу британските писателки, истакнувајќи ги Афра Бен и Зејди Смит.

– Традиционално се претпоставуваше дека книгите од мажи писатели се од интерес за сите, а книгите од жени писателки се повеќе од интерес само за жените. Не само што не е така, туку и книгите што застапуваат патријархални гледишта, па дури и да се напишани од еминентни писатели, стануваат сè помалку релевантни. Приказните на Зејди Смит, пак, се често приказни за траумата, за миграциите, за трагите од колонијализмот, за внатрешниот конфликт на ликови дојдени во Британија од други култури, кои постојано преиспитуваат колку можат да инкорпорираат делови од својата култура, а сепак, да припаѓаат и на културата во која дошле да живеат – рече проф. д-р Калина Малеска.

Во интерактивната дебата учествуваа и голем број писатели, уредници, издавачи, уметници и професорки, меѓу кои Наташа Аврамовска, Елена Јованова-Грујовска, Анастасија Ѓурчинова, Дита Старова Ќерими, Гоце Смилевски, Соња Стојменска-Елзесер, Лидија Капушевска-Дракулевска, Маја Јакимовска-Тошиќ, Кристина Хаџи-Василева, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Лени Фрчкоска, Ана Василева, Милан Дамјановски и други.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 175, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-23.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот