Ќосето се враќа на местото на злосторот

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Арсовска не треба да се грижи за исходот од евентуалниот референдум што би го распишала за ова прашање значајно за нашиот опстанок – одговорот на големото мнозинство „граѓани“ дали треба да се врати споменикот на Ќосето е веќе познат. Среќа што е најден во добра состојба. За разлика од нас.

Таман помисливме дека и овој Велигден ќе помине само со традиционалниот поздрав, кога се јави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за да ја соопшти големата вистина (нека ми простат оние малку вистински верници): не само Христос, туку и Ќосето ја победил смртта и наскоро навистина ќе воскресне на некоја локација! Пред Врховниот суд, да речеме. Така, сите што ја критикуваа дека не сработила ништо, сега можат само да и плукнат под независниот прозорец. Таа со помош на граѓаните ќе го оствари тоа што не го ни спомна во изборната кампања, а испадна дека е неспоредливо поважно од сето тоа што им го вети.

Во интервју за „Инфомакс“, Арсовска рече дека долго време го барале споменикот на Андон Јанев-Ќосето, се обидувале да откријат каде е ставен и тоа постојано во тешко поднослива психичка пресија: имено, кружеле гласини дека можеби е стопен! Но, на крајот се завршило среќно. Не само за истражителите, туку и за сите загрижени: „споменикот е пронајден, во добра состојба е, а за неговото поставување ќе ги прашаме граѓаните“, не смири Данела.

Иако изгледа како да беше вчера, сепак да се посетиме дека споменикот беше поставен ноќта помеѓу 6 и 7 септември 2014 година, како дел од проектот „Скопје 2014“, а беше пријавен како донација од сега легендарното Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Остана нејасно – додуша, никој не се ни трудеше околу таа работа – зошто тогашната власт предводена од премиерот Никола Груевски реши да излие споменик на докажан (масовен) убиец и крвник – на луѓе од својата организација, секако – и да го постави Андон Лазов Јанев Ќосето, со нож во раката , токму пред Врховниот суд на Македонија!? Ванчо Михајлов може вода да му носи.

Четири години подоцна, ноќта помеѓу 21 и 22 февруари 2018 година, власта предводена од премиерот Зоран Заев реши да го урне споменикот. Служби на Град Скопје го отстраниле Ќосето од пред судот и соопштија дека го сместиле во магацин на Металскиот завод „Тито“. Пред постаментот, кој наскоро потоа беше отстранет, свеќа запали лидерот Светскиот македонски конгрес Тодор Петров. Општина Сопиште го побара споменикот, но не го доби, за да го постави на кружниот тек во селото.

Еве сега, четири години по мрачната судбина на споменикот, конечно Арсовска не преку ноќ, туку преку ден и тоа Велигден реши да го врати во живот (во нашиот живот) симболот на смртта и на самоуништувањето на Македонците. Можеби е случајно – иако некои тврдат дека ништо такво нема – ама се некако среќно се поклопи. Прво, веста го означи големиот верски празник, а, второ, со неа може и треба да се одбележи големиот ѕверски настан: насилниот упад во Собранието, познат како „Крвав четврток“. Пред пет години, ноќта (повторно!) помеѓу 27 и 28 април 2017 година насилници, со поддршка на партијата на Груевски (истата таа што ја поддржа Арсовска) се обидоа да го убијат Заев и некои пратеници.

Има една претпоставка што вели дека секој човек (и народ, би додал) го добива тоа што го заслужува. Со што сме го заслужиле спектакуларното, иако тајно, поставување и исто толку возбудливото враќање на Ќосето? Па, веројатно со тоа што цело време го одржуваме во живот – и споменикот и, особено, споменот на него. Зошто, на пример, по уривањето споменикот не бил стопен, како што наивно верувала и се плашела градоначалничката? Како е можно цела екипа истражители, на чело со неа, да тргне во потрага по некој што треба да биде изгубен, избришан од колективната меморија, некој од кого не треба да остане ни камен на камен? Одговорот е прос(т): Арсовска вели дека тоа го направила затоа што граѓаните многу често ја прашувале, пишувале и живо се интересирале за судбината на споменикот.

Ако е така, тогаш ни таа не треба да се грижи за исходот од евентуалниот референдум што би го распишала за ова прашање значајно за нашиот опстанок  – одговорот на големото мнозинство „граѓани“ дали треба да се врати споменикот на Ќосето е веќе познат. Среќа што е најден во добра состојба. За разлика од нас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот