Ќе се подобруваат перформансите на домашните компании како добавувачи, дирекцијата на ТИРЗ ќе ја менува матрицата на индустријата

Компаниите ќе добијат помош во вид на советодавни услуги од реномирани експерти, како и од меѓународни и локални консултанти, доколку аплицираат на повикот што пред крајот на минатата година го објави Дирекцијата на ТИРЗ

Домашните средни и големи компании ќе добијат можност да ги засилат своите извозни капацитети, да станат поконкурентни, но и значително да ги подобрат перформансите за да бидат ангажирани како добавувачи од странските инвеститори во зоните. За тоа ќе добијат помош во вид на советодавни услуги од реномирани експерти, како и од меѓународни и локални консултанти, доколку аплицираат на повикот што пред крајот на минатата година го објави Дирекцијата на ТИРЗ. Планираната техничка помош треба да ја подобри и подготвеноста на фирмите да инвестираат во земјава, а по успешното завршување на овој прв чекор, компаниите ќе може да побараат финансиска поддршка за спроведување на инвестициските планови во рамки на програмите на Дирекцијата и Владата.

Повикот ќе трае до 15 февруари годинава и е проектиран за десет компании, а доколку биде успешен, со следните повици ќе бидат опфатени поголем број фирми. Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, воопшто не е задоволен од досегашната соработка меѓу домашните и странските комапнии. Тој очекува најмалку десет компании од актуелниот повик за две до три години да станат и дел од семејството на ТИРЗ.

-Повеќе од 20 години се зборува за тоа како домашните компании да ги интегрираме во системите за снабдување, за соработка со големите странски компании не само во земјава, туку и генерално, во регионот и глобално. И ова е прв чекор во тој правец практично. Пред Нова година во соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) објавивме јавен повик со кој сите домашни компании, со доминантно македонска сопственост, средни и големи, имаат можност да обезбедат техничка помош за подготовка на инвестициски планови кои ќе им овозможат да отидат на следното технолошко ниво на развој, што ќе им помогне да станат поконкурентни – објасни Деспотовски.

Конкурентноста подразбира да бидат повеќе извозно ориентирани, поконкурентни на странските пазари и она што е за нас од приоритетна важност, да можеме многу поактивно и многу поуспешно да ги вклучуваме во процесите на соработка со странските компании присутни во државата, во зоните, но и со глобалните компании што функционираат во регионот, истакна Деспотовски. Проектот се реализира во соработка со ИФЦ, дел од семејството на Светската банка, и е финансиран од Владата на Швајцарија. Ние учествуваме со мал дел од средствата, подвлече Деспотовски.

-Ќе потсетам дека компаниите во ТИРЗ реализираат повеќе од половина од националниот износ, а учеството на домашните компании во тоа е незначително.
Така што, ова е прв чекор во тоа како да овозможиме домашните компании да земат поголем дел од тој колач – поентираше Деспотовски.

Најслабата алка во системот е технолошката подготвеност на компаниите, недостигот на процедури за утврдување квалитет и секако, недостигот на квалификувана, обучена работна сила. Според Јуџин Осмонеску, програмски менаџер во ИФЦ, ваква поддршка се обезбедува и во останатите земји од регионот.

Македонските фирми доставуваат храна и вршат обезбедување

Последните податоци од пред неколку години покажуваат дека само 10 отсто од вкупните обврски на странските компании се кон домашните, што е премногу низок процент. Главно работат како обезбедувачи или доставувачи на храна.

-Домашните компании да ги надминат суетата и егото и да работат на менталитетот, ако сакаат да соработуваат со странските фирми. Со доцнење во испораката, билдање високи цени и нудење неквалитетни производи, не можат да станат нивни добавувачи. Токму овие слабости биле идентификувани од страна на мултинационалните фирми, кои домашните мора да ги сменат, ако сакаат соработка со нив – покажаа анализите на Фајнанс Тинк и Центарот за управување со промени.

На една од претходните конференции на кои се зборуваше за (не)соработката меѓу домашните и странските компании, беше потенцирано и дека соработката помеѓу странските компании што работат во ТИРЗ и домашните доставувачи е на многу ниско ниво, односно дека повеќето од странските компании од вкупните трошоци издвојуваат само 1 отсто за набавки на стоки и услуги од македонски доставувачи.

Азески: Мал е бројот на директни добавувачи

Само 5 отсто од македонските компании извезуваат, а 440 домашни производи се со компаративна предност, смета првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески. Тој е разочаран и дека е мал и бројот на фирми кои се директни добавувачи на странските компании кои работат кај нас. Затоа Азески смета дека бизнисот, заедно со креаторите на политиките, треба да биде вклучен – и во конципирање на законите, а не откако ќе се донесат, да бидат повикани за да дадат мислење.

-Многу мал број компании во нашата држава се вклучени во синџирите за снабдување на странските инвеститори. Тоа е наша одамнешна активност што треба да добие на интензитет – потенцира Азески. Исто така, дециден е, доста е од констатации, ќе одиме со конкретни предлози со кои треба да се постигне национален консензус за извозот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот