Кец за партиите во преговорите за бројот на изборни единици

Фото: Слободен печат

Тоа што партијата на Али Ахмети, ДУИ, се противи на идејата сегашните шест изборни единици да се сведат на само една, воопшто нема да претставува пречка за промена на изборниот модел.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев и додаде дека најголемиот проблем, всушност, ќе се почувствува во постигнувањето консензус со другите партии. Тој посочи дека ставот на ДУИ нема да го спречи СДСМ да го реализира предизборното ветување, но како што рече, традиција е изборниот модел да се менува со согласност од сите политички субјекти.

Од ДУИ потврдија дека за нив е најприфатлив постоечкиот пропорционален модел кој гарантира застапеност на другите заедници во Собранието, а наведоа дека немаат ништо против отворени листи. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, нуди мнозински модел и 120 изборни единици, но бара листите да бидат затворени. Политичките аналитичари не се оптимисти дека во моментов постои каква било шанса за постигнување консензус меѓу партиите, бидејќи, како што наведуваат, ставовите на партиските лидери за ова прашање сè повеќе се оддалечуваат наместо да се приближуваат. Тие дури сметаат дека барањето партиски консензус претставува само класична политичка игра што ја играат големите партии со цел да не дојде до промена на изборниот модел.

Или едното или другото

Владата и СДСМ се подготвени за измени на Изборниот законик и за нив се прифатливи и двата понудени модели – една изборна единица или отворени листи. Ова го потврди премиерот Зоран Заев и додаде дека двата модела не може да се комбинираат и за тоа какво ќе биде решението ќе се одлучи со консензус.

– Многу е важно влијанието на малите политички партии, оти можеме да седнеме ние најголемите да договориме нешто што апсолутно ќе ги мајоризира помалите партии, а тоа не е добро. Партијата што ја водам е за модели кои ќе ја унапредат демократијата во државата. Затоа сме за една изборна единица, а можеме да размислиме и за отворените листи, односно би поддржале и отворени листи – рече Заев.

Ветувањето пред изборите, додаде премиерот, било за една изборна единица, заради тоа што верува дека вредноста на гласот станува подоминантен и не се губат гласовите.

– Се случуваше политички партии или листи да имаат 30.000 до 40.000 гласа, а ниту еден пратеник да не добијат. Ние се залагаме да се максимизираат тие гласови преку една изборна единица, иако СДСМ, веројатно, како најдобростоечка партија најмногу би изгубила, па потоа второстоечката партија, па третата. Една изборна единица со 120 имиња на листата и отворени листи никаде не се спроведува. Или една изборна единица или отворени листи. Ние поддржуваме и ги охрабрувам сите партии да направиме еден чекор кон демократизација на изборниот процес – објасни Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во однос на тоа дали и за него е прифатлив предлогот на премиерот да има една изборна единица и промените да се направат само ако има партиски консензус, рече дека за неговата партија е прифатливо секое решение што ќе го зголеми демократскиот капацитет.

– Прифатливо е секое решение што ќе понуди гласот на граѓаните да биде посилен и погласен и да биде тој глас што треба да ги застапува интересите на граѓаните кои што ги бираат тие претставници – рече Мицкоски и додаде дека тој лично се залага за 120 изборни единици.

Мачкање очи

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека минимални се шансите за постигнување партиски консензус за промената на изборниот модел.

– Во моментов, практично како да не постои каква било шанса за постигнување партиски консензус, бидејќи гледаме дека ставовите на партиите не само што не се доближуваат, туку и дополнително се оддалечуваат. За СДСМ е прифатлива една изборна единица, а ВМРО-ДПМНЕ претпочита 120 изборни единици. Така, шансите за постигнување консензус се минимални, освен ако под притисок на ОБСЕ партиските лидери не седнат на иста маса и не дојдат до некој стручен модел, предложен од некаква експертска група. Вака, оставени сами на себе, партиите постојано ќе влечат на своја страна и политички договор нема никогаш да биде постигнат – објаснува Арсовски.

Сличен е ставот и на аналитичарот Синиша Пекевски, кој, пак, смета дека барањето партиски консензус е само дел од политичката игра што ја играат големите партии со цел да не дојде до промена на изборниот модел.

– На ниту една од големите партии не ѝ одговара постигнувањето консензус за промена на изборниот модел, а тоа е така од проста причина што на тој начин ќе загубат пратеници. А нели, ако загубат пратеници, тогаш практично ја губат и власта. Токму затоа сега се калкулира со времето, со предлозите, а всушност се работи за една голема политичка игра. Големите политички субјекти во никој случај нема да дозволат промена на изборниот модел и намалување на изборните единици, бидејќи добро знаат дека во тој случај повеќе мали партии ќе добијат можност да загризат од колачот. Јас тврдам дека барањето партиски консензус за ова прашање претставува класично „мачкање очи“ на граѓаните. Оти, ако сакаа да го решат овој проблем, тогаш тој ќе беше решен стопати досега и немаше да се гледа на традициите толку сериозно – објаснува Пекевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот