Ќе воскресне ли аболицијата што ја даде Иванов?

Уставниот суд ќе ја оценува уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година, кој предвидува претседателот на државата да го поништи претходно даденото помилување, со образложение дека не постои уставна можност претседателот да го повлече еднаш дадено помилување. Оваа одлука на Уставниот суд позитивно го одговори прашањето дали е „жив“ членот 11 од Законот за помилување, но го наметна прашањето дали сè уште важи аболицијата на 56-те лица, кои беа опфатени со предметите на Специјалното јавно обвинителство што ја даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов на 12 април 2016 година, која по два месеца целосно ја повлече под притисок на јавноста и меѓународната заедница.

Според образложението на Уставниот суд, во законодавствата на повеќе членки на ЕУ од кои побарале мислење, не постои можност да се повлече даденото помилување.
„Одлуката за помилување што ја донесува претседателот е суи генерис акт, кој ниту е административен акт што би се оспорувал пред управните судови, ниту пак нормативен акт што би можел да се оспорува пред Уставниот суд. Оттука, имајќи ја предвид направената анализа и меѓународната пракса, Судот смета дека можноста да се поништи даденото помилување не е во согласност со принципот на владеење на правото и правната сигурност“, се вели во завчерашното соопштение од Уставниот суд.

Ќе има проблеми во Стразбур

Професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет во Скопје вели дека според Европскиот суд за човекови права, не е можно да се повлече даденото помилување. На прашањето на „Слободен печат“ дали одлуката на Уставниот суд значи дека на некој начин важи повлечената аболиција од експретседателот Иванов и дека еден ден кога судењата по предметите на СЈО ќе бидат завршени, осудените ќе можат да се повикаат на ова помилување, професорот вели: „Ќе има проблеми во Стразбур“.

– Може да се спори дека претседателот немал воопшто право да ги помилува. Второ, тој фактички даде амнестија. Тоа би можел и Уставниот суд да го нотира, но е малку веројатно – вели проф. Калајџиев.

Членот 11-а беше уфрлен во 2016 година, со измени на Законот за помилување, откако Иванов ја донесе одлуката за аболиција, а пред да ја повлече.

„Овој член предвидува Претседателот на Републиката да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување, при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката. Лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до претседателот да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување, а претседателот е должен да го стори тоа во рок од 30 дена. Со ваквото дополнување на Законот за помилување, се утврдува законска основа по која даденото помилување може да се поништи, но ваквото законско уредување излегува надвор од дадените надлежности на претседателот. Можноста претседателот да го поништи веќе даденото помилување доведува до нееднаков третман до субјектите. Претседателот согласно со Уставот има право само да дава помилување, но не и да поништува, што значи дека Уставот не предвидува можност за повлекување на претходно даденото помилување“, велат од Уставниот суд.

Постои или не членот 11

Законот за помилување, кој е донесен во 1993 година, предвидува помилувањето, односно ослободувањето од постапката за кривично гонење да се врши во Министерството за правда на барање на осуденото лице или по службена должност, а членот 11 предвидува претседателот по исклучок да помилува без спроведување постапка кога е тоа од интерес за државата или во посебни околности, на што досега се повикале и експретседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски кога ги помилуваа Доста Димоска и Зоран Заев. Во 2009 година беа донесени законски измени, со кои беше избришан членот 11, а беа додадени и 4 кривични дела за кои не може да се даде помилување, но по поднесена иницијатива во 2016 година Уставниот суд ги укина сите измени и дополнувања од 2009 година. Тоа Иванов го искористи и ја донесе одлуката за аболиција на 56 лица, меѓу кои Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Трајко Велјановски, Мендух Тачи, но и на Зоран Заев и Бранко Црвенковски и други, што веднаш беше оспорена како незаконска. Се јавија различни толкувања дали, ако се укинат сите измени и дополнувања од Законот за помилување, се враќаме на претходната состојба во која членот 11 постои, при што дел од правната фела тврдеше дека бришењето на одредбата од страна на Уставниот суд не значи дека таа е вратена во правниот поредок, затоа што тоа единствено може да го стори Собранието. Но, Собранието тогаш само го донесе членот 11-а, со кој им се даде можност на помилуваните самите да побараат претседателот да ја повлече одлуката, чија уставност сега ќе ја реиспитува Уставниот суд. Дел од правните експерти тогаш потенцираа и дека Иванов не дал аболиција, туку амнестија, а за амнестија е надлежно единствено Собранието.

Важноста на аболицијата на поранешниот претседател ја потврди и Врховниот суд на Грција, кој лани во мај не дозволи екстрадиција на сега осудените за масовното прислушување Горан Грујевски и Никола Бошкоски, со образложение дека „одлуката на претседателот со донесениот важечки акт од 12 април 2016 година за ослободување од гонење е еднаква на целосно прекинување на кривичното гонење, затоа што за време на нејзиното носење не постои законска можност за нејзино повлекување или поништување. Грчките судии сметаа дека според македонскиот Устав, законите и другите прописи не можат да имаат ретроактивно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните“.

Пролетва дел од сега осудените за упадот во Собранието на 27 април 2017 година побараа од Иванов да ги помилува, но тој не го стори тоа, а премиерот Заев и министерката за правда Рената Дескоска имаа став дека претседателот нема право да помилува без постапка според членот 11 од Законот за помилување затоа што тој член не бил „оживеан“ по укинувањето на законските измени со кои тој беше избришан.

Според професорот Калајџиев, со најновата одлука на Уставниот суд, се покажало дека не било спорно дали членот 11 постои.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот