Ќе го пукне ли Русија гасоводниот балон на Борисов?

Скоро сите точки за влез и излез на гасоводната мрежа во Бугарија се блокирани од „Газпром“ во наредните години

„Гасот ќе може да доаѓа од каде било и да оди каде било“, постојано повторуваше премиерот Бојко Борисов последниве неколку недели. Но, колку повеќе тоа го вели, толку е појасно дека нешто не е во ред со проектите и договорите за гас.

Во 2021 година, навистина, Бугарија мора да го отвори својот пазар за алтернативни добавувачи, да обезбеди слободна трговија и пренос на гас во сите правци, а најмногу од сè, да ја прекине зависноста од снабдувањето со руски гас, што наводно се подготвуваше со години – со гаснoто поврзување со соседните земји, со договорот за снабдување со гас од Азербејџан, со создавањето трговска берза за гас и т.н. виртуелни излези… Но, не само што тоа не се случи, туку и нема изгледи да се случи за уште најмалку 10 години.

Фото: Kommersant Photo Agency / ddp USA / Profimedia

Причината не е нова: главните влезови на бугарскиот систем за пренос на гас и речиси сите излези беа и останаа блокирани од „Газпром“ до крајот на 2030 година, а во некои случаи и до крајот на 2039 година. И само она што руската компанија ќе одлучи, може да се транспортира и да се извезува во странство. Дури и ако рускиот гас во домашната потрошувачка се намали во обемот, откако делумно ќе биде заменет со азербејџански гас, Бугарија ќе остане скоро целосно зависна од Русија за контрола на влезните и излезните патишта на гасот.

„Газпром“ на влез и излез

На прв поглед, руската компанија е само снабдувач на гас во Бугарија и нема директна сопственост на преносната инфраструктура. Сепак, податоците во Европската мрежа на оператори на преносниот систем (ENTSOG) јасно покажуваат дека „Газпром“ практично ги завладеа најважните точки – до крајот на 2030 година држи 100% од излезниот капацитет кон Македонија, кон Грција до Кулата, како и оној кон Турција, на станицата Странџа.

Турски поток во Истанбул – Путин, Ердоган, Борисов и Вучиќ/8 јануари 2020/Фото: Kommersant Photo Agency / ddp USA / Profimedia

Со лансирањето на гасоводот во вредност од 1,5 милијарди долари од турската до српската граница, што премиерот Борисов го нарекува „Балкански тек“, а е всушност продолжение на рускиот „Турски поток“, „Газпром“ ќе ја преземе почетната точка кон Србија – компанијата резервира 80% од капацитетот на тој гасовод до крајот на октомври 2039 година, но во пракса тоа е 100% од капацитетот, бидејќи и влезот и излезот на руските цевки од „Турски поток“ го контролира „Газпром“, соодветно и во Турција и во Србија.

Целта на „Газпром“ не е испораката на гас за Бугарија, туку гасот да се испорачува директно до крајните потрошувачи во Србија и Унгарија, за да може и Русија да вежба геополитичко влијание. Бугарските власти може да тврдат дека ова е дел од бугарската мрежа за пренос на гас, но во пракса гасоводот ќе може да служи само за транзит на рускиот гас кон Србија и, наместо диверзификација, ќе го зголеми влијанието на Москва со затворање на можностите за други добавувачи.

Стариот трансбалкански гасовод, кој води кон Украина, е најдобрата можност за извоз од Бугарија, бидејќи има голем капацитет. Но, има и проблеми со неговата употреба. Транзитните патишта што минуваат низ станиците Негру Вода – Кардам 2 и 3 се исто така блокирани од „Газпром“ до крајот на 2030 година. Иако компанијата не превезува физички количини, таа му плаќа на „Булгартрансгаз“ според договорот за капацитет и ги блокира можностите за испорака на, на пример, американски ЛНГ преку Бугарија до Украина.

Така, во пракса, единствените слободни точки преку кои Бугарија може да извезува гас се кон Романија – кај Негру Вода – Кардам 1, од каде што до пред една година Бугарија го добиваше својот руски гас. Но, можноста за каков било гас да стигне до таму е многу ограничена, бидејќи мора да се користи внатрешната, а не транзитната мрежа за пренос на гасот. Трговијата би била можна само преку т.н.. виртуелен излез со романската мрежа за пренос на гас – ако, на пример, целта е да се продаде азербејџански гас на Украина, што сега влегува преку Кулата, се прави виртуелен пренос на количини од јужната до северната граница, без физички да се пренесат точно тие количини на гас до Романија. И во ова сценарио, сепак, трошоците за транспорт се наплаќаат како резултат на услугите на мрежните оператори. Што значи дека со минување, иако виртуелно, низ мрежите за пренос на гас на 3 оператори – грчки, бугарски и романски – гасот неминовно ќе поскапи.

Постои одреден слободен капацитет во правец кон Турција, од каде што Бугарија пренесуваше руски гас. Но, сега тој капацитет е неупотреблив, бидејќи нашиот јужен сосед ги задоволува своите потреби директно од Русија, а сега и од Азербејџан, како и преку терминалите за ЛНГ.

Балонот се надува

Силно ограничените можности за извоз на гас ја претвораат Бугарија во еден вид меур, кој ако не престане да се полни со природен гас, ќе пукне. Минатата година, на пример, земјата користеше 2,4 милијарди кубни метри, што е за 12,5% помалку отколку во 2019 година и повеќе од 20% под нивото од 2018 година. Околу 90% од овој гас се увезува од Русија според долгорочниот договор со „Газпром“, што истекува на крајот на 2022 година. Во него, земјата потпиша клаузула „тејк ор пеј“ („take or pay“)  – „земи или плати“, според која мора да ги плати договорените количини, дури и ако не ги повлече во целост. Затоа, колку е помала домашната потрошувачка, толку е помала можноста за алтернативни набавки. Во овој случај, заради оваа клаузула, „Булгаргаз“ ги ограничи своите набавки на природен гас од пазарите каде што цените беа екстремно ниски во текот на летото – доколку се купат такви алтернативни количини, на Русите ќе мора да им се плаќаат казни за непочитување на договорот со нив.

Меѓутоа, на почетокот на 2021 година започна снабдувањето со азербејџански гас, што беше договорено во 2016 година, што е првиот значаен алтернативен извор за гас за Бугарија во историјата. Договорените количини се за една милијарда кубни метри, или околу 40% од вкупната домашна потрошувачка на земјата. Ова, во принцип, требаше да биде главна вест и веројатно со надеж дека ќе го сврти вниманието од „Турскиот поток“ и американските санкции што се закануваат над него, Борисов избра на 1 јануари тој да го „пречека“ азербејџанскиот гас кај Петрич, наместо претседателот на Србија Александар Вучиќ да го промовира продолжението на рускиот гасовод. Во реалноста, пак, дополнителниот увоз на азербејџански природен гас создава опасност од идни казни, па за да биде користен азербејџанскиот гас во земјата, потребите на испорака од „Газпром“ мора да се намалат.

Ситуацијата е дополнително компликувана бидејќи и во договорот со Азербејџан има клаузула „тејк ор пеј“ („take or pay“)  – соодветно, мора да се плати договорената една милијарда кубни метри годишно. Засега, кризата е одложена, бидејќи помалку од 30% од овие количини влегуваат во земјата со оглед на тоа што гасната врска со Грција сè уште не е подготвена и се користи реверзибилната цевка кај Кулата – Сидирокастро, но нејзиниот капацитет е ограничен. Ова ќе овозможи истовремено спроведување на договорот со „Газпром“, но, како што рече самиот Борисов на 1 јануари, договорот со Азербејџанците е само до 30 септември годинава. Што ќе се случи по септември, не е јасно. Неколку месеци по изборите, Бугарија можеби ќе треба да плати казни за природен гас што не може да го искористи.

За да се избегне оваа апсурдна ситуација, можно е азербејџанскиот гас воопшто да не влегува во Бугарија, туку да се бараат можности за негово испорачување во Италија (преку Трансјадранскиот гасовод преку Грција и Албанија). Но, за да се случи тоа, потребна е конкурентна цена на така испорачаниот гас, што воопшто не е сигурно дека може да се постигне со ваков трансфер. Во теорија, Бугарија може да продава руски гас, што го зема од „Газпром“, во Грција, Албанија или Италија, но за тоа цената треба да биде и пониска.

Повеќе гас и казни на хоризонтот

Со оглед на сето ова, може да излезе дека изградбата на интерконекторот меѓу Стара Загора и грчкото Комотини намерно се одложува со цел да се ограничи дополнителниот влез на природен гас на бугарскиот пазар. Изградбата на гасоводната врска со Грција трае повеќе од 10 години, иако по својата должина е многу пократка од продолжението на „Турскиот поток“. Уште на 14 јули 2009 година, од страна на првата бугарска влада на ГЕРБ, оваа инсталација беше прогласена за објект од национално значење, исклучително важен за намалување на енергетската зависност на Бугарија од Русија. И ако Бојко Борисов, кој е премиер уште оттогаш, навистина сакаше да го изгради, тоа одамна ќе можеше да го стори. По последното одложување, новиот рок за завршување на интерконекторот е во втората половина на 2021 година, но според извори на „Капитал“, постои реален ризик гасоводот да не биде готов ниту во 2022 година, бидејќи сè уште ќе се бара опција за нејзина транзиција под браната „Студен Кладенец“.

Гасоводот во Бугарија/ Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Меѓутоа, кога ќе профункционира, гасната врска со Грција ќе го зголеми алтернативниот увоз на рускиот гас на две милијарди кубни метри. Покрај една милијарда азербејџански гас, има уште и околу 500 милиони кубни метри за транспорт резервирани од грчката „ДЕПА“, од италијанскиот „Едисон“ и од американката „Линд“ (за ЛНГ). И самата Бугарија изјави дека ќе купи 500 милиони кубни метри годишно од терминалот за ЛНГ во близина на Александрополис.

Доколку домашната потрошувачка не се зголеми значително во наредните години, на пример по изградбата на новите парно-гасни централи во комплексот Марица-Исток, овие количини или ќе треба да се откажат со плаќање на соодветната казна или руската потрошувачка на гас дополнително да се намали и да се плаќаат казни според договорот со „Газпром“.

Со други зборови, гасот во Бугарија може и да доаѓа од каде било, но штом „Газпром“ го контролира излезот кон Србија, Македонија, Грција, Турција и делумно кон Романија, можностите за извоз остануваат сериозно ограничени.

Преземено од „Капитал“ – Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот